Фотографии: Гимназија „Д. Даскалов“-Кавадарци

Гимназијата „Добри Даскалов“ во Кавадарци одбележува 80 години успешна работа

  • Централниот дел на јубилејот им беше отстапен на над 120 ученици, кои продефилираа на сцената преку своите настапи во оркестарот, хорот, пеењето, учеството во танчарските групи и во драмските изведби. Со нив беа оживеани осумте децении, преку патување низ времето со добро познати македонски рефрени и многу креативна младешка енергија. Зад успешниот перформанс „Времеплов“ застанаа професорите Васка Петкова и Драган Вељковиќ

Гимназијата „Добри Даскалов“ е најстарата, најзначајна и најпрестижна воспитно-образовна установа за средно образование во Кавадарци. Корените на гимназиското образование во овој град датираат од пред 137 години. Во далечната 1893 година оваа установа функционира како двокласна гимназија, а во 1945-та, само пет месеци по ослободувањето на 5 февруари, за првпат во историјата на Кавадарци образовниот процес се одвива на македонски мајчин јазик. На почетокот гимназијата се вика „Јосип Броз“, а од 1994 година го носи името на македонскиот револуционер Добри Даскалов и претставува вистински столб на просветата, науката и уметноста во Кавадарци, вистинско јадро на градската интелигенција што е носител на општествено-политичкиот и економскиот подем на градот. Овој значаен јубилеј 80 години настава на македонски јазик беше одбележан минатата недела во домот на културата „Иван Мазов Климе“ со свечена академија и перформанс, насловен „Времеплов“, како достојна потврда на квалитетот и посветеноста во воспитно-образовниот процес во кој гимназијалците се истакнаа со својата креативност и знаење.
Свеченоста започна со обраќање на директорот на гимназијата Зоран Милевски, во кое тој ги истакна поранешните успешни ученици што оставиле значајни траги во науката, уметноста, спортот, економијата и во општествениот живот.
– Гимназијата претставува симбол на знаење, напредок и вредности што со генерации ја формираат иднината на младите. Професорите, пак, беа и остануваат столб на нашата образовна установа, насочувајќи ги младите кон сигурна иднина само преку труд, упорност и знаење, кои ја обликуваат успешната приказна на училиштето цели 80 години – истакна Милевски.
Централниот дел на јубилејот им беше отстапен на над 120 ученици, кои продефилираа на сцената преку своите настапи во оркестарот, хорот, пеењето, учеството во танчарските групи и во драмските изведби. Со нив беа оживеани осумте децении, преку патување низ времето со добро познати македонски рефрени и многу креативна младешка енергија. Зад успешниот перформанс „Времеплов“ застанаа професорите Васка Петкова и Драган Вељковиќ.

– Целта на „Времеплов“ беше да ги истакнеме младоста, смелоста и големото срце на нашите гимназијалци. Заедно патувавме низ минатите времиња, носејќи спомени од некои дамнешни години до денешнината, водени од магијата што може да ја направи македонската музика. Главната порака беше дека љубовта ја преживеа секоја епоха. Во 1970-тите беше срамежлив поглед, во 1980-тите бунтовен танц, во 1990-тите храброст, во 2000-тите имаше романса, а денес е избор да бидеме заедно и покрај светот што нѐ раздвојува. Сите песни што ги одбравме во перформансот зборуваат на јазикот на љубовта, кој сите го разбираат. Затоа секоја генерација ја носи својата песна и преку „Времеплов“ ја претставуваме нашата машина за патување низ времето, која ја создадовме од талент, младешки жар и со огромна желба за успех – вели професорката Васка Петкова.

Перформансот „Времеплов“ беше исполнет со прекрасни кореографии на Фросина Василев, додека оркестарот и хорот заедно со вокалните интерпретации и драмските игри создадоа вечер за паметење и уште една потврда за квалитетот што секогаш доаѓа од редовите на гимназијата „Добри Даскалов. Оние што ја имаа привилегијата да присуствуваат на свечената академија имаа можност да ја погледнат и изложбата „Добри Даскалов и неговото време“, реализирана од Ученичкиот совет, под менторство на професорите Наташа Матакова и Кирил Мукаетов.