СВЕТСКА КЛАСА

Полека доаѓа времето на рангирање на најдобрите во различни категории, па така е и во светот на патувањата. Обично една од најинтересните листи е таа што ги претставува најдобрите авионски превозници во светот, на која веќе со години доминираат азиските компании. И годинава организацијата АПЕКС им оддаде признание на десет превозници со титулата светска класа. Нивната листа, всушност, не рангира компании по пласман, туку на најдобрите им го дава тоа признание. Во последните години нема посебни изненадувања, но годинава сепак се случи едно. Имено, покрај единствената компанија што доаѓа од земја што е (барем делумно) европска – „Туркиш ерлајнс“ – се појави превозник од Океанија што малкумина би го очекувале – „Фиџи ерлајнс“.
Последните две години (2024) во светската класа беа вклучени само осум компании, тука сѐ уште беше еден класичен европски претставник, холандскиот КЛМ. Американските превозници во овој ранг веќе со години ги нема, иако историјата на патничкото воздухопловство е нераскинливо поврзана со САД. Денес се целосно поразени од азиската конкуренција.
Во десетте најдобри годинава (вистинскиот избор е за 2026 г.) влегоа – покрај Фиџи – сите вообичаени компании што во ова друштво беа и претходните години: „Емиратс“, „Џапан ерлајнс“, „Оман ерлајнс“, „Катар“, „Саудија“, „Сингапур ерлајнс“, „Туркиш ерлајнс“ и „Шјамен ерлајнс“. Мала флота ги победи големите играчи. Јасно, медиумски најинтересна е приказната за „Фиџи ерлајнс“, бидејќи никогаш компанија со толку мала флота не влегла во ова избрано друштво. Ова признание е горд и историски момент и за воздушниот транспорт и за Фиџи.
Инаку, уште во 2016 година, „Фиџи ерлајнс“ не беше дури ниту меѓу 100-те најдобри во светот, а сега се меѓу првите десет. Во меѓувреме извршија целосен редизајн, вклучувајќи и поквалитетна храна во авионите со специјалитети од Фиџи, која се сервира по нарачка како во ресторани, така што патниците избираат што сакаат да јадат од менито. Секоја компанија што влегла во изборот поминала детална процена од страна на експерти од оваа индустрија. Оценувањето трае цела година, а рецензијата на секоја компанија ја прават угледни експерти од академските и професионалните кругови.