Воведната фаза од завршницата на финалниот турнир во слободен (Фишеров) шах во Јужна Африка се состоеше од турнир на кој секој играше со секого, меѓу осум шахисти (10 минути плус пет секунди по секој потег) и иако ниту еден играч не беше елиминиран, резултатите беа од голема важност, оти тие ги одредуваа четвртфиналните двојки. Узбекистанецот Јавокир Синдаров (20), по неодамнешниот триумф на Светскиот куп (СК), беше најдобар со 5,5 поени од седум партии, славејќи на дуелите со Норвежанецот Магнус Карлсен, Иранецот Пархам Магсудлу и Американците Фабијано Каруана и Ханс Ниман. Втор е Американецот Левон Аронијан со пет, Индиецот Арџун Еригаиси и Карлсен освоија по 4,5 поени, по три имаа Каруана и Ниман, Германецот Винсент Кејмер освои 2,5, а без бодови е Магсудлу.
Според правилата на турнирот, сите осум играчи продолжуваат во нокаут-фазата, а првите тројца го имаат правото да ги изберат своите противници во четврт-финалето од последните четири играчи на табелата. Нокаут-фазата ќе се состои од две партии со темпо од 30 минути плус 15 секунди.
Осумте учесници се квалификуваа за финалето со собирање поени на четирите претходни турнири, во Вајсенхаус, Париз, Карлсруе и во Лас Вегас. Од тие што завршија меѓу првите осум во генералниот пласман, само Американецот Хикару Накамура е отсутен. Четвртфинални двојки: Синдаров – Магсудлу, Аронијан – Ниман, Еригаиси – Кејмер и Карлсен – Каруана. Г.И.

































