Фото: „Друга страна“

Скопје синоќа беше домаќин на Џим Џефрис, еден од најголемите светски стендап-комичари. Џефрис настапи пред преполна сала со околу 1.500 посетители во спортскиот центар „Јане Сандански“. Публиката уживаше во повеќе од два часа врвно стендап-шоу, исполнето со смеа, искрени реакции и енергија која ретко се доживува на ваков тип настани.

Настапот во Скопје беше дел од неговата актуелна и исклучително успешна европска турнеја, со која Џефрис го промовира најновиот материјал насловен „Син на еден столар” (Son of a Carpenter), само неколку месеци по премиерата на неговиот последен Нетфликс-специјал. Шоуто беше целосно изведено на англиски јазик и претставуваше ексклузивно, целовечерно искуство за македонската публика.

Со кариера која трае повеќе од две децении, Џим Џефрис важи за еден од највлијателните стендап-комичари денес. Со неговиот препознатлив стил – храбар, интелигентен и директен – обработува секојдневни и општествени теми без задршка, што синоќа уште еднаш ја оправда репутацијата поради која настапува на најпрестижните светски сцени како Медисон сквер гарден (Madison Square Garden), Карнеги хол (Carnegie Hall) и О2 арената (O2 Arena) во Лондон. На фестивалот „Џаст фор лафс“ (Just for Laughs) во Монтреал во 2019 година беше прогласен за стендап-комичар на годината.
Џефрис е и успешен водител, подкастер и писател, а неговиот најнов Нетфликс-специјал „Џим Џефрис: Ту лимб полиси“ (Jim Jefferies: Two Limb Policy), објавен во август 2025 година, е дел од серијал од шест стендап-шоуа продуцирани за Нетфликс.

-Синоќешниот настап во Скопје ќе остане запаметен како една од најдобрите стендап-вечери досега, оставајќи силен впечаток кај публиката и потврдувајќи дека македонската сцена е подготвена за вакви светски продукции – велат организаторите од „Друга страна”.