Утре, 13 декември, во хотел „Континентал“ во Скопје, од 11 до 20 часот, ќе се одржи четвртото издание на манифестацијата „Слоу фуд салон 2025“.
– Оваа година, под мотото „Заедно со природата“, ќе го истражуваме длабокиот однос помеѓу човекот и природата, инспирирани од мислата на Алберт Ајнштајн: „Погледнете длабоко во природата и тогаш сè ќе разберете подобро“. Во време кога се оддалечуваме од нашите корени, „Слоу фуд“ ја покажува патеката кон обновување на врската со природата и екосистемот. Токму затоа овој салон не е само настан, туку повик за промена: премин од трошење на природни ресурси во регенеративна фаза која ја обновува и почитува земјата, водата и сите живи организми – велат организаторите.
На „Слоу фуд салон 2025“ ќе може да се ужива, истражува и вкусува на Саемот на производи на храна – запознавајќи ги локалните и регионалните производители од целата Македонија кои ја негуваат традицијата и произведуваат добра, чиста и правична храна. Тука е и Салонот на пијалаци, што е идеална можност да се откријат и вкусат пијалаци произведени со почит кон природата. На „Слоу фуд арената“ ќе се одржат три форуми каде ќе се судираат идеи и ќе се водат отворени разговори кои ја обликуваат нашата врска со природата: „Едукација за одржлива иднина“, „Агроекологија и слоу фуд фарми“ и „Слоу фуд травел“. Најавени се атрактивни мастер класови и дегустации, богатата палета на миксологијата – локалните пијалаци во нови комбинации, потоа школа за готвење -новитет каде ќе се изучува природната храна и природните процеси, рецепти за ферментирање и подготовка на храна а вистинска авантура ќе биде да се истражи павиљонот „Маслинкарник“ – посочуваат од „Слоу фуд“.
Детското катче е специјално подготвено за најмладите, а во него, децата ќе учествуваат во четири креативни работилници кои ќе ги поврзат со природата и храната: „Шепот на природата“, „Природна сложувалка“, „Разговор со природата“ и „Малите чувари на живиот свет“.
„Слоу фуд салонот“ е подржан од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и од шведската организација „Ви ефекет“ (We Effect).




































