Фото: Пиксабеј

Енди Ворхол беше гуру на поп-артот, најистакнатиот уметник на своето време што ги промовираше обичните секојдневни предмети во уметност. Кога во 1930 година фирмата „Кемпбел“ (основана уште далечната 1898 година) ја пушти на пазарот својата стара супа од домати во нова конзерва со атрактивна етикета, не можеше ни да претпостави дека триесет години подоцна таа ќе стане атракција на новата визуелна уметност – поп-артот.
Сите од генерацијата на уметниците отсекогаш ја знаеја оваа супа од домати, само што не ѝ обрнуваа внимание. Таа беше таму, пред нив, секојдневно, на полица во продавницата, на реклама во весникот, во сопствената кујна или фрлена во контејнер… Сликата ја препознаваа, но како да не ја забележуваа, како рефрен во некоја песна што се пее спонтано, против својата волја. Впечатокот преминува во потсвеста без да мине низ нашата свест.
Уметникот беше фасциниран од предметите во околината и од стилот на живот на просечниот Американец, кој заведен од масовната култура на производство и потрошувачка не е свесен дека уметноста е токму тука – покрај него. Неговата фасцинација можеби најдобро ја илустрираат неговите зборови: „Секојдневната понуда е иста за сите – за најбогатите и за најсиромашните. Вие гледате ТВ-програма и пиете „кока-кола“, истото она што го гледаат и го пијат и претседателот на САД и невработениот на улицата. Нема шанса претседателот да пие некоја друга, подобра „кока-кола“ или да гледа друга програма ако го притиснал истото копче на телевизорот. Исто е и со супата од домати. И таа е таква каква што е, за сите, ако сте ја купиле од производителот Кемпбел“.
На изложбата, која во чест на конзервата од доматна супа марка „Кемпбел“ ја приреди во Њујорк, беа изложени стотици од овие конзерви групирани во различни форми – коцкести, цилиндрични, наредени по подот или поставени на таванот. Камерата ги забележа лицата на посетителите на изложбата. Најчести беа тие со израз како да гледаат во нешто што првпат го гледаат.