Квалитетот на воздухот во индискиот главен град Њу Делхи се влоши до опасни нивоа, достигнувајќи ги најлошите резултати во светот, што делумно беше последица на пукањето огномети за време на „Дијвали“, хиндуистичкиот фестивал на светлината. Врховниот суд на Индија ги ублажи забраните за огномети во градот, дозволувајќи користење на таканаречените зелени огномети максимум три часа, во неделата и понеделникот, иако луѓето сведочеа дека огнометите се пукале и надвор од предвиденото време.
Емисиите од овие огномети се од 30 отсто до 50 отсто пониски од конвенционалните. Индексот за Њу Делхи достигна 442, што го прави индискиот главен град најзагаден поголем град во светот. Концентрацијата на ПМ 2,5 во индиската престолнина беше повеќе од 59 пати повисока од препорачаните годишни насоки на Светската здравствена организација. ПМ 2,5 се однесува на честички со дијаметар од 2,5 микрони или помали, кои можат да навлезат во белите дробови, носејќи ризик од смртоносни болести и срцеви проблеми.
Главниот град на Индија и соседните квартови се склони кон густ смог секоја зима затоа што студениот и тежок воздух задржува градежна прашина, издувни гасови од возила и чад од земјоделски пожари, поради што многу од 20 милиони жители се борат со респираторни болести.


































