Камерите од „Безбеден град“ се добредојдени, но неопходен е целосен, холистички и интегрален пристап за безбедност во сообраќајот во полн капацитет
- Додека се тестира системот „Безбеден град“ би требало во тест-периодот да се посочи и на некои слабости, велат нашите соговорници, сообраќајни инженери. Имено, забелешката е дека во првиот момент на тест-имплементацијата, „добрата идеја се судира со несоодветна сообраќајна инфраструктура, сѐ уште неуредена хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација“… Имено, една од првите забелешки, на која особено укажуваат нашите соговорници, е дека постои сериозна слабост во пристапот, и тоа токму во оној дел што експлицитно и забележливо треба да ги известува возачите за одредени правила. На пример, голем број делници во Скопје, особено подолги потези, немаат никакви сообраќајни знаци за ограничување на брзината…
Во Скопје и во неколку други града започна имплементацијата на долго најавуваниот и со нетрпение очекуван систем „Безбеден град“. Попрецизно кажано, започна пробниот период во кој ќе се врши контрола на возачите и на сите учесници во сообраќајот, преку систем на камери што го покриваат градот, а кои ќе идентификуваат прекршоци. Системот автоматски ќе регистрира, а по електронски пат ќе се испрати известување до возачот за сторениот сообраќаен прекршок.
Како превенција – до крајот на годината, репресивните мерки (казни) од Нова
година
Според најавите, на почетокот ќе се евидентираат управување со возило со брзина поголема од дозволената, минување на црвено светло, изминат рок на важност на сообраќајна дозвола, непрописно паркирани возила… Ваквата практика ќе трае до Нова година, односно до 31 декември. Дотогаш возачите ќе добиваат само известување за сторен прекршок, без изрекување казни. Од јануари идната година, системот ќе почне целосно да се применува.
Од МВР посочуваат дека сторителите на прекршоци што ќе ги регистрира системот ќе бидат санкционирани во согласност со одредба што ја регулира најголемата дозволена брзина на движење на возилата, без разлика дали е во населено место или надвор од населено место и нема да има толеранција.
Она што е најважно за граѓаните да знаат е дека откако камерата ќе детектира недозволено поведение во сообраќајот (прекршок или кривично дело), софтверот автоматски ја идентификува регистарската табличка и го поврзува возилото со сопственикот, а потоа МВР испраќа СМС и е-пошта со записник и платен налог. Притоа од надлежните служби ќе се проверува системот и секоја порака што тој ја испраќа за да се процени дали забележаното од системот е валидно. По ова, сопственикот има рок од осум дена да плати половина од казната; по истекот на тој рок, целосниот износ мора да се плати во следните осум дена, пред да започне постапката за присилна наплата. За прекршоци за кои е предвидена и мерка забрана за управување возило, МВР дополнително поднесува барање до надлежен суд.
Плаќањето ќе може да се врши електронски, а системот веднаш ќе го извести МВР дека глобата е намирена. Во втората фаза од проектот е планирано проширување на спектарот на прекршоци што ќе ги регистрира системот.
– Со овој проект започнуваме нова етапа во унапредувањето на сообраќајната безбедност – сторителите на сообраќајни прекршоци ќе добиваат електронско известување за сторениот прекршок, документиран со современи технички средства и уреди за снимање. Нашата цел е јасна: повеќе безбедност, помалку прекршоци и нулта толеранција за несовесно возење, без разлика дали се работи за урбана зона или за пат надвор од населено место – изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Иницијативата е за поздравување, но можеби ни треба холистички (интегрален) пристап за побезбеден сообраќај на патиштата?
Граѓаните во првите реакции се едногласни дека иницијативата е корисна, веќе докажана во повеќе земји и веројатно неопходна со оглед на недисциплината на учесниците во сообраќајот кај нас, а и последиците од тоа. Слободно можеме да кажеме дека нема човек што не сака ред на улиците, помалку сообраќајни несреќи и поголема култура на возење, додаваат нашите соговорници.
Но проблемот настанува тогаш кога добрата идеја се судира со несоодветна сообраќајна инфраструктура, сѐ уште неуредена хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација… Една од првите забелешки, на која особено укажуваат нашите соговорници, е дека постои сериозна слабост во системот, и тоа токму во оној дел што експлицитно и забележливо треба да ги известува возачите за одредени правила. Имено, огромен број делници во Скопје, особено подолги потези, немаат никакви сообраќајни знаци за ограничување на брзината.
Тоа значи дека возачите се движат низ делници каде што не знаат дали дозволената брзина е 50 или 60 километри на час. Повеќето луѓе не сакаат да прекршуваат правила – напротив, сакаат да возат безбедно и законски. Но кога надлежните не обезбедуваат јасни информации, тие всушност ги ставаат граѓаните во небулозна ситуација каде што можат да бидат казнети и без да направат свесен прекршок.
Во вакви услови, се јавува дилемата дека воведувањето „Безбеден град“ може да создаде чувство на неправда, а не чувство на ред.
Иницијатива за интензивирање (поголема фреквентниот и видливост) на сообраќајната сигнализација
Во Скопје постојат делници долги по еден–два километри на кои нема ниту еден знак за брзина. Едноставната обиколка на нашата екипа констатираше многу отворени прашања, кои бараат сериозен пристап и што побрзо решавање, заради безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
Така, на пример, забележавме делници кон Аеродром каде што возачите не знаат дали важи ограничување на брзината од 50 или од 60 км/ч. Постојат и дрвореди што го блокираат визуелниот контакт на возачите со сообраќајните знаци, кои треба да се почитуваат од учесниците на сообраќајот. Натаму, има делови од Партизанска, Илинденска или од булевар Србија каде што знаците за ограничувањето на брзината не се повторени со километри. Ги има само на почетокот и ги нема повторно, иако има голем број вкрстувања со други улици. Забележавме и нови делови од градот (кај Драчево, Ѓорче Петров, Кисела Вода) каде што воопшто нема знаци за ограничување на брзината по целата траса.
Покрај овие забелешки, сообраќајните експерти со кои се консултиравме, укажуваат на ситуацијата кога безбедносната камера ќе регистрира брзина од 61 км/ч, а граѓанинот не знае дали ограничувањето е 50 или 60, тоа веќе не е систем за ред – тоа е систем што произведува незадоволство без свесност дека се придонесува за безбедност во сообраќајот. Токму затоа, тие укажуваат дека е неопходно да се интензивира сообраќајната сигнализација, за да не се доведуваат возачите во незгодни ситуации, не по своја вина.
Што препорачуваат експертите?
Во согласност со првичните забелешки од теренот, но и според светските искуства, експертите со кои се консултиравме укажуваат дека воведувањето високотехнолошки систем е логично и резонско во моментот кога елементарната сообраќајна инфраструктура е инсталирана во полн капацитет. Значи, секако државата треба да бара точност од граѓаните, но и самата да биде прецизна и педантна кон учесниците во сообраќајот. Затоа, тие препорачуваат дека логично и неопходно е да се постават соодветни сообраќајни знаци за ограничување на брзината на сите делници каде што е потребно тоа. Исто така, да се направат сите знаци на хоризонтално и вертикално информирање за учесниците во сообраќајот што повидливи, не затскриени зад зеленило и флора, дури и да се направат светлосни. И тоа да се стори што побрзо, пред да почне репресивниот период, на казнување.
Истовремено, да се внимава да се поставуваат повторувачки знаци на секој подолг потег, затоа што не се вклучуваат сите на таа сообраќајница од нејзиниот почеток, па да знаат колкаво е ограничувањето. Ова е европски стандард, не луксуз.
Една од мерките што се предлагаат е да се направи јавна листа со брзински режими по улици, на тој начин ќе нема простор за недоразбирање.
Заклучокот од нашите соговорници е речиси едногласен – ред се прави со јасни правила, не со казни. Затоа, за поздравување е подготвителниот период, но подготовките да се направат од сите засегнати страни: и од ГРАЃАНИТЕ и од ДРЖАВАТА (Градот).
Сите тие засегнати страни, без исклучок, ја поддржуваат мерката за воведување камери. Поддржуваат ред, дисциплина и казнување на вистинските прекршители.
Но истовремено апелираат за воспоставување систем што не казнува граѓани што не знаат колкава брзина важи на одредена делница – затоа што надлежните служби заборавиле да постават соодветен знак. Ако навистина сакаме побезбеден сообраќај, тогаш мора прво да изградиме фер услови за сите. Ред не се донесува со казни – ред се донесува со јасни, видливи и правични правила. Н.М.
Системот за безбедност во сообраќајот „Безбеден град“ во развиените држави
Системите за безбедност во сообраќајот, како нашиот во Македонија, не се новитет – повеќето европски земји одамна имаат автоматизирани камери за казнување. Но клучната разлика е во тоа што нивните институции никогаш не го ставаат граѓанинот во позиција да претпоставува, туку точно да ја (до)знае информацијата што е потребна за побезбеден сообраќај.
Истражувањата покажуваат дека системите од типот на „Безбеден град“, каде што се интегрирани камери, софтвер за анализа, и автоматско санкционирање, може да ја подобрат безбедноста, да ја намалат сообраќајната несигурност и да ги стимулираат возачите да возат одговорно, особено на места каде што сознанијата од традиционалната контрола биле недоволни.
1. Холандија – на секоја измена на брзина стои јасен знак
Во Холандија, промената на ограничувањето на брзината секогаш е придружена со големи, осветлени и во потребен број знаци. Возачот никогаш не може да биде во дилема колкава е дозволената брзина.
2. Германија – секој брзински режим важи само до следниот знак
Германија строго го почитува принципот: „брзинско ограничување важи само до следниот знак“. Тоа ја елиминира можноста за толкување. Возачите точно знаат каде важи одредена брзина, а на подолги правци има повторувачки знаци за да не дојде до забуна.
3.Велика Британија – пред секоја камера има обележување и предупредување
Во Обединетото Кралство, на делниците каде што има камери, секогаш има предупредувачки табели дека камерата е активна. Не затоа што сакаат да им олеснат на возачите туку затоа што целта е превенција, а не собирање казни.
4. Словенија и Хрватска – повторувачки знаци и јасни зелени/бели табли
Дури и на подолги градски улици, ограничувањето е јасно повторено на секој значаен дел од патот. Системот за автоматско казнување секогаш е придружен со чиста визуелна инфраструктура. Р.Н.М.
Безбедност на сообраќајот во полн капацитет не се постигнува доколку се казнува – во полн капацитет
Толерантноста да биде разгледана, да влезе во системот како превенција
- Многу граѓани само со опомена или со даден малку „зголемен праг на толерантност од страна на надлежните институции“, самите свесно и одговорно „се баждарат“ да бидат во рамките на законските прописи, односно нивните граѓански поведенија и однесувања во сообраќајот ги сообразуваат за да кореспондираат со предвидените законски правила и сообраќајни прописи. Затоа, толеранцијата како принцип може да биде многу делотворна доколку системски се внесе во новиот проект „Сејф сити“. Доколку на граѓаните јасно и педантно им се предочи на кој начин е имплементиран тој принцип во проектот, би се очекувале многу повисоки достигнувања во делот од безбедноста на сообраќајот на патиштата
Повеќето учесници во сообраќајот не сакаат да прекршуваат правила. Напротив, тие сакаат да возат (да учествуваат во сообраќајот) безбедно и законски.
Затоа, првиот предизвик со кој се судираат е добивањето јасна и педантно предочена информација (со вертикална или хоризонтална сигнализација, светлосна или рефлектирачка итн.) за сообраќајните ограничувања на делницата на која се движи учесникот во сообраќајот. Доколку навистина е обезбедена елементарната сообраќајна инфраструктура во делот од сообраќајните известувања, забрани и рестрикции на улиците и патиштата и тие знаци се јасни и видливи, тогаш во голем дел од случаите би се работело за „свесно кршење на сообраќајните правила и прописи“.
Но, вториот предизвик на учесниците во сообраќајот е исклучително интересен во контекст на јавниот интерес и се однесува на „облиците на толерантност што би ги дозволувал системот за безбедност“, во овој случај „Сејф сити“.
Во Европа постои т.н. толеранција…
Овој дел за толерантноста (на казнувањето) е клучен за граѓаните, па поради тоа „Нова Македонија“ се осврнува посебно и на овој аспект од превенцијата/репресијата, во функција на зголемување на безбедноста на сообраќајот.
Имено, многу граѓани само со опомена или малку зголемен праг на толерантност на надлежните институции самите свесно и одговорно „се баждарат“ да бидат во рамките на законските прописи, односно нивните граѓански поведенија и однесувања во сообраќајот ги сообразуваат за да кореспондираат со предвидените законски правила и сообраќајни прописи.
Во тој контекст, во оваа пригода, во тест-периодот на програмата „Сејф сити“ обрнуваме внимание и на т.н. толеранција за стореното недозволено поведение на граѓаните како учесници во сообраќајот. На пример, во ЕУ, каде што имаат многу поголемо искуство од областа на безбедноста на сообраќајот, таканаречената „техничка толеранција“ е – стандард. Еве неколку примери:
· Германија има толеранција од три км/ч за брзини до 100 км/ч
· Холандија: 3 км/ч
· Франција: 5 км/ч во град
· Швајцарија: 5 км/ч на
градски улици
· Австрија: 3 км/ч
· Велика Британија: правило „10 отсто + 2 милји на час“ (на 50-56 км/ч не се казнува)
· Хрватска: 10 км/ч во град (казни има од 61 километар на час и побрзо)
· Словенија: 3 км/ч
Истакнуваме дека во сите овие држави постои јасно правило: минималните отстапувања не се казнуваат (има толеранција). Зошто? Затоа што секој радар може да има техничка грешка, секој автомобил може да отстапува 2–3 км/ч, а и самата динамика на возење дозволува мали варијации.
Како е кај нас во тест-периодот, а како во други земји со имплементација
на системот?
Во Македонија моментално не постои никаква толеранција. Во зона ограничена со брзина од 50 километри на час, ако се вози со брзина од 51 километар на час, месецов ќе има опомена, а наредниот месец – казна. Токму во овој дел треба дополнително да се анализира системот, бидејќи многу поразвиени земји и во овој дел увиделе дека на друг начин се постигнуваат повисоки ефекти во контекст на безбедноста на сообраќајот. Како го решиле ова другите земји?
· Холандија
Секоја промена на брзина е обележана со два големи осветлени знаци,за да нема дилеми.
· Германија
Ограничувањето важи само до следниот знак. Затоа има повторувачи на секој подолг потег.
· Велика Британија
Пред секоја камера има предупредување. Целта им е превенција, не собирање казни.
· Словенија и Хрватска
Повторувачки знаци на секои неколку стотини метри за да нема недоразбирање.
Што треба да се направи од страна на надлежните за време на тест-периодот од еден месец?
Прво – да се постават сите недостасувачки знаци. Без тоа, системот ќе казнува луѓе што не се доволно информирани дека ќе направат прекршок.
Второ – да се воведе „европска толеранција“.
Ако Европа дозволува 3–6 км/ч, а Хрватска дури 10 км/ч, зошто во Македонија да се казнува за возење со брзини поголеми од само 1 км/ч?
Трето – јавна листа со востановените режими (правила и прописи) по улиците и тие да бидат јасно видливи.
Транспарентноста и предвидливоста го спуштаат нивото на стрес кај граѓаните и ја зголемуваат довербата во системот. Системот „Сејф сити“, според сите соговорници, сообраќајни инженери и од мини-анкетата со граѓаните, е оценет како корисен и неопходен. Но, сепак, во тест-периодот треба уште малку да се надгради, за да не се создаде перцепција на неправда, туку перцепција на ред. А редот се воведува со јасни правила, видливи знаци, европска толеранција и фер однос кон сите учесници во сообраќајот. Исполнувањето на овие услови во целост ќе значи и дека граѓаните ќе ја прифатат технологијата како помош, а не како скриена замка, а сето тоа во функција на висок степен на безбедност на сообраќајот на нашите патишта..


































