ОДБОЈКА
- Европската лига од 2026 година ќе го замени квалификацискиот циклус за пласман на ЕП 2028
Втора година во низа машката и женската сениорска репрезентација на Македонија ќе учествуваат во Европската лига во одбојка в година. Извршниот одбор (ИО) на Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ) одлучи да се задржи континуитетот на А-селекциите во ова натпреварување, кое од 2026 година ќе добие и нова тежина, бидејќи ќе го замени квалификацискиот циклус за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2028 година.
Машкиот национален тим од 2014 година ја одржува традицијата да биде дел од ова континентално натпреварување, а за одбојкарките ова ќе биде трето учество, второ во низа, откако дебитираа во изданието во 2023 година. Пријавувањето за учеството во Европската лига беше до 1 декември, а со оглед на промените што ги најави Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ), јасно е дека натпреварувањето ќе добие и нов систем, кој се очекува ЦЕВ да го претстави до крајот на годината.
Според најавите, циклусот за пласман на ЕП 2028 ќе се одвива преку изданијата на Европската лига во 2026 и во 2027 година. Од следната година Европската лига ќе биде единствена лига во која пласман на ЕП 2028 ќе обезбедат првите четири репрезентации од изданието во 2026 година и првите четири од изданието во 2027 година (вкупно осум), заедно со четирите земји домаќини на првенството, потоа шампионот од ЕП 2026, како и 11 селекции според рангирањето на ЦЕВ по завршувањето на Европската лига во 2027 година, велат од ОФМ. Г.И.


































