Промоцијата на монографијата „Рисима“ од Јасна Франговска, посветена на најпознатата и најуспешна македонска кореографка за современ танц ‒ Рисима Рисимкин, е закажана за в среда, од 19 часот, во „Јавна соба“. Изданието е на „ПНВ публикации“ и е објавено со поддршка од Министерството за култура и туризам.
Монографијата низ разговор со Јасна Франговска и Рисима Рисимкин ќе ја претстави Јулијана Величковска, главна и одговорна уредничка на „ПНВ публикации“.
Во ова обемно и луксузно издание, на 180 страници, опфатени се сите значајни аспекти од 45-годишната кариера на Рисима Рисимкин ‒ од самите почетоци како балерина, со сите предизвици со кои се соочувала, до големите успеси што ја дефинираа како истакната кореографка од областа на современиот танц, која со својата едукациска работа зад себе остава нови генерации танчари и кореографи. Рисима Рисимкин е клучна фигура во македонската култура, а нејзиниот труд годинава беше крунисан и со високото признание ‒ Витез на францускиот ред на уметностите и книжевностите, кое го доделува државата Франција.
Покрај извонредното писмо на Франговска, кое на многу топол и непосреден начин го доближува животниот и професионалниот пат на Рисимкин, извадоците од позначајните рецензии за нејзините дела и обраќањата до читателот од самата Рисима, изданието е збогатено и со неверојатни фотографии од личната архива на Рисимкин и од архивата на „Интерарт културниот центар“, чии автори се: Андреј Гиновски, Драган Перковски, Сашо Димоски, Сердар Ајдин, Aнтонио Пиштолов, Ивана Тасев, Олга Ибатулина, Зоран Велјаноски‒Летра, Емил Петров и Борис Грдановски.
– Би ја опишала како македонската Пина Бауш, потпрена на белиот балет, која во еден момент посакува да излезе од таа рамка и да оди во слободата на движењето… – ќе изјави Мирјана Радочевиќ за „Политика“, Белград во 2003 г.
Проф. д-р Рисима Рисимкин е македонска кореографка со интернационално реноме, која годинава одбележува 45 години уметничко творештво. Рисимкин е одликувана со Орден од редот на Витез на уметностите и книжевностите на Франција, добитничка е на наградата Европска личност на годината за 2024 година и добитничка е на наградата „Ѓорѓи Македонски“ ‒ награда за авангарден претставник во современата танцова едукација и творештво во 2025 година. Кореографското творештво на Рисимкин прави огромен прогрес на домашната танцова сцена. Рисимкин со нејзините претстави гостува на сцените низ целиот свет, а во 2022 година го остварува историското гостување во националниот театар за современ танц „Шајо“ во Париз, Франција, со претставата „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“.
Рисимкин е основачка на универзитетска програма за современа танцова едукација, која е во рамките на Филмската академија при универзитетот „Гоце Делчев“ и е нејзина актуелна деканка во два последователни мандата. Членка е на Управниот одбор на ЦИД УНЕСКО – Интернационалниот совет за танц, во два последователни мандата од 2005 до 2013 година; членка e на Извршниот борд на Танцовата унија помеѓу Кина и Централна и Југоисточна Европа од 2016 до денес; членка e на Меѓународниот комитет на центарот „Сузан Делал“ во 2021; членка e на жири-комисијата на Интернационалниот балетски натпревар во Истанбул, Турција, во 2016, и Интернационалниот фестивал за танц во Кшиан, Кина, во 2017. Рисимкин е уметничка координаторка на повеќе конферeнции за современ танц под наслов „Танцот како фактор на трансформација на општеството“, Скопје во 2009/2010/2011; уметничка координаторка на првиот регионален конгрес на ЦИД УНЕСКО во Македонија, одржан во МАНУ, Скопје, и на регионалниот конгрес на ЦИД УНЕСКО во Охрид, Македонија.
Таа е основачка и уметничка директорка на интернационалниот фестивал „Танц фест“ – Скопје, основачка и уметничка директорка на „Скопје танцовиот театар“. Авторка е на над четириесет авторски кореографии, со кои ја видоизменува домашната танцова сцена. Таа се смета за зачетник на создавањето на современата танцова сцена во рамките на македонската балетска сцена.
Јасна Франговска (1963) е долгогодишна новинарка, која професионалната кариера ја започна во „Македонско радио“, па во радио НОМА (радио на весникот „Нова Македонија“), а сега ја завршува во Радио Буба Мара. Во меѓувреме, повеќе од 30 години работи во повеќе весници како уредничка за култура, почнувајќи од „Денес“ и „Македонија денес“, па во „Време“ и „Неделно време“, потоа во „Нова Македонија“, а неколку години и како новинар во „Дневник“ и „Теа модерна“. Авторка е на две книги: монографија за актерката Милица Стојанова ‒ „Милица Стојанова: превези, лица: монографија“ (во соавторство со Искра Гешовска) и на уметничкиот патопис на сликарот Сергеј Андреевски, насловен „Патот на потегот“. Себеси се гледа како страсна раскажувачка со око за детали и финеси.


































