Како Македонците ги граделе Солун, Софија, градови во Романија, Србија… (3)

  • Сведоштва за преселбите на македонските печалбари како градители, врвни мајстори и градежни работници, со посебен осврт кон дебарските градители со документирани историски сведоштва и извори, преку извадоци од книгата „Дебар и Дебарско низ историјата“ од Ѓорѓи Илиевски…

Солунските дебранци уште пред првата половина на XIX век беа речиси на исто ниво со светогорските манастири за народните дела. Козма го знаеше тоа, затоа беше горд на тие родољубиви и патриотски градители, дојдени од далеку, кои инаку ја формирале срцевината на тој град. Дебранците ги полнеа училиштата, црквите и општествените згради. Тие беа најистакнати и најтрудољубиви мирни солунски граѓани. Само Грците беа немирни и најголеми противници. Затоа, во Балканските војни кога грчките војски навлегоа во Солун, месните Грци најмногу и најжестоко се нафрлија на дебранци.
Во 1897 година, Егзархијата го произведе архимандритот Козма Пречистански во епископ и го назначи за дебарско-кичевски митрополит, со седиште во Дебарската митрополија.
Меѓу македонските жени се истакнуваше и се разликуваше дебранката Елена Стаматова Думанова, по маж Стателова, како учителка на солунското класно женско училиште и со особен талент како општественичка. Таа беше и управителка во тогаш отворениот интернат за ученички од разни краишта на Македонија.
Црквите „Свети Петар и Павле“ и „Свети Ѓорѓи“, гробиштата и други градби се проектирани од самостојни архитекти дебранци, браќата Митровски – Алексо, Тане и Георги од селото Себишта. Маалото Пиргите, тоа е новиот град на Солун: Во почетокот во тоа маало дошле дебранци, но постепено станале околу 200 семејства. Подоцна тука се населиле и жители од селото Куфалово, Солунско, Ениџевардарско, Велешко, и од други краишта од Македонија. Покрај во ова маало, дебранци имало и во т.н. Трансфал Маало. Бидејќи децата од оваа маало не можеле да одат во друго училиште, за нив била организирана настава во куќата на Никола Поп Алексиев, а наставата ја изведувала учителката Думбалкова од селото Гухо, Солунско. Иницијатор за отворањето на училиштето била Миладинова, во чија куќа тоа и работело, но било затворено од страна на властите, откако агитаторите на грчката пропаганда прошириле дезинформација дека во маалото се појавила епидемија.
Геро Димитров раскажува: „Решивме да се собериме во мојата куќа, на Пиргите, каде поканив и некои повидни луѓе од малото. Се реши да се изготви едно барање напишано на турски и нашински со потписи на стопаните на секоја куќа и да се однесе во беледието, за да му биде предадено на кехајата. Таа должност ја извршуваше Петар Шумков. Барањето го напиша Христо Делчев, солунски адвокат. Но, тогаш беледието откажа да ја врши таа работа.

Фото: „Нова Македонија“

Следниот ден рано застанав пред вратата на Паша конак и го чекав валијата. По еден час по турски, валијата се зададе со пајтонот и штом слезе од него, јас му го подадов барањето. Уште следниот ден, вечерта, комесарот на маалата дојде во кафеаната каде што бевме собрани повеќемина маалци и праша: ’Кој го даде барањето?‘. Станав и му одговорив дека јас го подадов барањето. Комесарот, кој беше под влијание на Грците, ми рече: ’Многу такви луѓе доаѓале, но на сите службата им е една – ’миндералтанда‘ и тоа таму ќе појде, а ти ќе дојдеш каде што одат многу како тебе и тоа наскоро‘.
– Тој арзовал (тоа барање), ефенди, за кој зборувате вие, јас не сум. Ние сме неколку стотини семејства и не можеме да бидеме без училиште. Царот им дал на сите милети да имаат училишта и нам ќе треба да ни даде, зашто и ние му плаќаме данок на Падишахот.
Зошто не ги испраќате децата во грчки училишта? Грчките училишта се за Грците, а ние сакаме да имаме наше училиште….
По неколку дена Грците дадоа приговор против Геро Димитров и брат му Лазар Димитров, како и против Никола Поп Алексиев дека сме биле комити, бунтовници и дека сме се заканувале доколку не ни дадат училишта со бомби ќе сме го разрушеле уќуматот и беледието и воопшто дека сме биле опасност за царштината. Поради тоа, сме требале да бидеме испратени во заточеништво во Дијар Бекир…
Уќуматската власт го разгледала барањето (арзивалот) и даде друг правец за разрешување на спорот: да се изберат тројца неутрални лица од маалото – старци над 80-годишна возраст, кои ќе утврдат кои се тие луѓе! За такви беа избрани: Блаже Шага роден од селото Себишта, кој ги подари местото и куќата за црква и кој поради земање и давање со Грците тие го сметаа за свој човек, а тој си остана каков што си беше – Македонец, потоа вториот Златанов гркоман од Серско и третиот Георги Черкезов – тесалиски Грк… Следниот ден беше недела, нѐ викнаа во грчката црква ’Св. Троица‘ во Пиргите. Се јавивме јас и Никола Поп Алексиев, а брат ми Лазар Димитров, кој беше назначен за учител во Одринско, беше заминат и отсуствуваше. Црквата ја најдовме преполна со верници, можеби имаше околу илјада Грци, Власи и други. Само ние двајца не бевме Грци, ако не го сметаме за таков Блаже Шага. Во грчката црква ние отидовме поради 80-годишните старци, кои нѐ повикаа. На местото на сменетиот комесар беше назначен нов, еден бошњак. Смената на комесарот ја направи Лимон Бача, потурчен Македонец од селото Себишта, кој беше член на беледието (градска управа) како виден турски граѓанин на Солун.

Во беледието беше повикан Блаже Шага, како најстар и најмеродавен, кој добро ги познава обвинетите, за да каже какви луѓе се. Блаже Шага го повторил првиот исказ, во кој нагласил за секој од нив дека се чесни граѓани на градот и лојални кон турската власт и дека досега не се обвинети за ништо. Новиот комесар без да ги побара другите двајца и да го слушне нивното мислење се задоволил само со добриот исказ, зашто Блаже Шага имал големо влијание во градот. Следниот ден отидовме да ја слушнеме пресудата. Лимон Бача ни кажа дека пресудата е отфрлена штом ги платиме трошоците, рече: ’А решено е да изградите или да земете готова зграда за училиште, само да биде удобна‘. Кога ја слушнавме радосната вест ние ја посочивме куќата на Реџо Бача, брат на Лимон Бача, кој ни вети дека може да ни ја даде под наем… По тој мачен, но славен крај, ние дебранците од Пиргите, најпосле се здобивме со основно училиште каде што учеа 65 ученици“.
Дебранците во Солун немале конкуренти во градежништвото, иако на времето имало италијански и француски архитекти и инженери. Турците и Евреите, кои биле најбогати, не ги прифаќале плановите нацртани на хартија, туку правеле избор од стотина разновидни и веќе изградени згради. Која зградата ќе им се допаднела со внатрешниот распоред и надворешниот изглед за неа се определувале.
Меѓу изградените државни и општествени згради што ги подигнале мајсторите дебранци, ќе споменеме некои: четири касарни, шест џамии, вишото училиште, идадието (турската гимназија), школата за офицери со домот, трите најголеми трговски куќи во центарот на градот, главната чаршија, Шаин, резде-бег, Ерера, вилата – дворец на трговците Алатини и многу приватни куќи, згради и друго.

Автор: Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор

продолжува