Авионот спакуван во делови бил донесен од Русија, најпрвин во Белград, а потоа во Скопје. По многуте перипетии сврзани со неговото пренесување, првиот лет го направиле двајца домашни пилоти, кои биле обучени во Франција. Летот бил изведен само над скопскиот аеродром
Годинава (2018) се навршуваат точно 90 години од слетувањето на првиот патнички авион на скопскиот аеродром. Тоа е значаен дел од историјата на Скопје и повод да се навратиме на него. Настанот се случил во 1928 година, но постои и претходна истoрија на авијацијата поврзана со градот на Вардар, која е помалку позната.
Ова слетување било во рамките на цивилното воздухопловство. Но првото полетување се случило многу порано, во 1912 година, од страна на воен авион, кој бил специјално донесен и подготвен за тој лет. Тоа е посебно интересна приказна – како е дојдено до ова прво полетување. Постојат прецизни податоци за тој настан. Имено, на 27 ноември 1912 година, се случило мало чудо. Од тогашниот скопски аеродром полетал воениот авион од марката „дукс“, произведен во Москва. Авионот спакуван во делови бил донесен од Русија, најпрвин во Белград, а потоа во Скопје. По многуте перипетии сврзани со неговото пренесување, првиот лет го направиле двајца домашни пилоти, кои биле обучени во Франција. Летот бил изведен само над скопскиот аеродром. На тој прв лет, присуствувале многу скопјани, меѓу кои и претседателот на општината, Спиро Хаџи Ристиќ, кој одржал пригоден говор. Утредента, на 28 ноември, рускиот пилот Агафонов направил вистинска сензација. Тој го надлетал цело Скопје на височина од 1.200 метри, предизвикувајќи вистинска бура од одушевување меѓу скопјаните.
Подоцна, Скопје многу брзо се вклучило и во авионскиот патнички сообраќај, кој во светот поинтензивно почнал да се развива кон средината на 20-тите години од минатиот век. Пред да полета првиот патнички авион од Скопје, по иницијатива од аероклубот „Наши крила“, била отворена првата домашна авиокомпанија со име „Аеро-пат“. Тоа се случило истата 1927 година кога Чарлс Линдберг го прелетал океанот. Компанијата „Аеро-пат“ ги купила првите патнички авиони од марката „потез 29“, и била отворена воздушна линија Белград – Загреб. Наскоро, а тоа за Скопје претставувало исклучителен настан, профункционирала и линијата Скопје – Белград. Тогаш, од Скопје полетал и првиот патнички авион, на 27 мај 1928 година, но тоа не бил официјален туку само пробен лет над градот.
Цело Скопје било на нозе по повод тој чин. Се организирал специјален превоз до аеродромот за граѓаните. Во присуство на високи политички, но и свештени лица, се извршило крштевање или осветување на патничкиот аероплан од типот „потез 29“. Како и аеродромската зграда, и авионот бил наречен „Скопје“. Еве што пишува во главниот запис од тоа време: „Нашето прво друштво за воздушен сообраќај со отворањето на оваа нова линија, која на најбрз можен начин ќе ги спои Скопје и Белград, направи акт од исклучителна важност. Летањето од Скопје до Белград за само 2 часа, не е веќе бајка туку реалност, во која секој може да се увери. Воздушниот сообраќај ќе се одвива редовно, а станицата ќе биде на овдешниот воен аеродром… За свеченото одбележување на оваа историска епоха ќе се изврши свечено крштевање на аеропланот во месноста Јурија. Пристапот на свеченоста е дозволен за секој граѓанин. Посебно за младината. По свечениот чин на крштевањето, патничкиот авион ќе изврши 6 лета над Скопје. Во авионот можат да се сместат 5 патници. Патниците првпат ќе видат еден луксузен патнички авион“. Ова било пробно полетување, додека официјално, првиот авион слетал на аеродромот на 15 јуни 1928 год. Некогашната Јурија била дел од денешната населба Аеродром. Специјално возило за до аеродромот ги земало патниците од пред кафеаната „Маргер“ на плоштадот.
Кога биле вклучени и другите европски градови, се појавиле и вакви духовити написи полни со воодушевување: „Да појадуваш во Солун, да ручаш во Загреб, да вечераш во Париз, и истата вечер да присуствуваш на претстава на париската опера“. Аеродромот во Скопје наскоро станал и меѓународен. Во 1930 година, британското „Кралство воздухопловство“ воспоставило врска помеѓу Лондон и Индија. Слетувањето во Скопје било задолжително. Еве што се вели за тоа: „Од 13 април 1930 година, друштвото за воздушен сообраќај ’Кралската авијација‘ ќе започне авионска служба меѓу Лондон и Индија. Авионите ќе слетуваат во Скопје и во двата правца. Целиот пат од Лондон до Њу Делхи ќе трае 7 дена“. Една од првите жени-пилоти во светот што од Англија, со мал авион, ќе го прелета океанот и ќе слета во Австралија, Еми Џонсон, на враќање ќе престојува во Скопје. Нејзиниот мал авион ќе биде спакуван во делови и со брод испратен за Англија. Таа од Египет, со патнички авион, преку Атина и Солун, ќе слета во Скопје. Таму ќе биде пречекана од огромна маса воодушевени скопјани, а ќе биде поздравена и од скопскиот градоначалник Јосиф Михајловиќ. Така Скопје, преку воздушниот сообраќај, сѐ посигурно ги воспоставувало врските со Европа.