Фото: Принтскрин

Најмалку 13 лица загинаа, а 28 се повредени во пожар што зафати станбен комплекс во приградскиот округ Таи По во Хонг Конг – соопштија тамошните власти, а пренесе „Ројтерс“.

Станбената зона се состои од осум згради и речиси 2.000 станбени единици.

Еден пожарникар е меѓу загинатите во пожарот, потврди противпожарната служба, додавајќи дека повеќе од 700 пожарникари од нивниот персонал се на местото на настанот.

Фото: Принтскрин

Пожарот избувнал попладне по локално време и брзо бил подигнат на ниво пет, највисокото ниво во системот за класификација на Хонг Конг – соопшти противпожарната служба.

Полицијата соопшти дека добила повеќе пријави за луѓе заробени во најмалку пет згради зафатени од пламен.

Пожарот се проширил на бамбусовите скелиња околу надворешноста на облакодерот, а пожарникарите се обидувале да го локализираат пламенот користејќи скали и вода од висина.

Таи По се наоѓа во северниот дел на Хонг Конг, во близина на границата со Шенжен.

Бамбусовите скелиња, иако традиционални и широко користени во Хонг Конг, постепено ќе бидат исфрлени од јавните проекти поради безбедносни причини – соопшти владата претходно оваа година.