Во Валандово
Во организација на здружението за локален рурален развој „Валандер“, неодамна се одржа првото издание на Фестивалот на калинката во Валандово. Овој крај е познат по производството на вкусните калинки, кои наесен се радост за сите љубители на ова специфично овошје.
– Почитувани сограѓани и пријатели од цела наша држава, пред две години ова беше само моја идеја, а пред една година почнав со организација на фестивалот. Калинката е симбол на нашето Валандово, а фестивалот е нешто што му недостасуваше на овој град. Затоа денес сме горди што сме сведоци на првиот фестивал на калинката – рече на отворањето Лејла Рајкова, претседателка на здружението „Валандер“.
На фестивалот повеќе производители изложија калинки, преработки од калинки, како сокови, оцет и слично, но и друга разновидна зимница, приготвена од вредните раце на валандовските земјоделци.
И додека возрасните се натпреваруваа кој произвел најголема калинка, дечињата се натпреваруваа за најдобра песничка и најдобар цртеж на темата „Нејзиното височество – калинка“.
На конкурсите, кои беа реализирани во соработка со Домот на културата „25 Мај“, пристигнаа голем број цртежи и песнички, а најдобрите беа наградени.
– Се надеваме дека овој конкурс ќе прерасне во традиција и ќе се одржува секоја година – додаде Рајкова.
Ф.Д.
Зошто овој плод се смета за симбол на здравјето?
Калинката е едно од најстарите овошја што му се познати на човекот. Во Франција се пронајдени грмушки стари и над двесте години. Инаку, калинката претставува грмушка или дрво со висина од 5 до 8 метри. Има ситни црвено-портокалови цветови. Плодовите се топчести, а внатре полни со вкусни зрнца. Во Македонија, калинки се одгледуваат во југоисточните краишта со средоземноморска клима, како што се Валандово, Гевгелија и Дојран. Во повеќе култури и религии калинката била почитувана како симбол на здравјето, плодноста и вечниот живот. Постојат повеќе научни истражувања што укажуваат на благотворното дејство на калинката врз здравјето на човекот. Таа е богат извор на витаминот Б5, а во 100 грама калинка има 16 отсто од препорачаната дневна доза на витаминот Ц. Постојат и материи што ги содржат само калинките, наречени пуницалагини, кои влијаат поволно врз срцето и крвните садови. Затоа, имате многу причини да уживате во вкусот на калинките додека им е сезоната.
Првонаградена песна
Кралицата Калинка
Во мојот роден град
каде сонце грее,
тука секаде ја има,
тука калинката зрее.
Во мојот роден град
во полето убавина дарува,
личната калинка
со природата царува.
Црвен фустан носи
кралица е права,
горда е во есен
со круната на глава.
На гранка цврсто стои
кога силен ветер дува,
црвените бисерчиња мали
како деца си ги чува.
Дојди во Валандово,
во градот убав, јужен,
со сладок црвен сок
ќе бидеш послужен.
Тој богат нектар
во секој дом се прави,
и во лето и во зима
да сме силни, здрави.
Во моето Валандово
те сака стар и млад,
тука царуваш, КАЛИНКЕ
симбол си на овој убав град.
Марија Фиданска
6 -в одделение,
ООУ,,Јосип Броз Тито“
-Валандово

„Нејзиното височество – калинка“


































