ШАХ – 38. „ТРОФЕЈ НА БЕЛГРАД 2025“

Станојоски забележа две победи во првите две кола

Македонскиот велемајстор (ВМ), член на ШК Алкалоид, Звонко Станојоски со две победи го почна 38-от традиционален меѓународен турнир „Трофеј на Белград 2025“, кој во девет кола се игра во Белград (Србија).
Во конкуренција на 146 шахисти од 13 држави (шест ВМ, еден ЖВМ, пет ИМ, еден ЖИМ, 15 ФМ, два ЖФМ), Станојоски (2,345 рејтинг-поени, рангиран седми пред почетокот на турнирот) во првото коло со црни фигури го победи Момир Милетиќ (1.810, 83-ти) во 25-от потег, а во второто со бели фигури победи на дуелот со Стефан Митровиќ (1.947, 45-ти) во 35-от потег, двајцата од Србија, и засега е меѓу 20-те шахисти што имаат по два поена на табелата. Во третото коло за ривал го има Индиецот Арун Мануконда (2.043, 30-ти). Прворангиран на турнирот е ВМ од Србија, Михаил Брјакин (2.476).
Станојоски го врзуваат убави спомени за овој турнир, оти двапати беше победник (во 2006 и во 2007 година), а лани го подели првото место со Кинезот Бо Ли, со по 7,5 поени (шест победи и три ремија, без пораз), но поради подобар дополнителен критериум победничкиот пехар му припадна на Кинезот, а Станојоски беше втор. Г.И.


ШАХ – СВЕТСКИ КУП

Синдаров и Ји се финалисти и обезбедија настап на Турнирот на кандидатите

Узбекистанецот Јавохир Синдаров (2.721 рејтинг-поени) и Кинезот Веи Ји (2.752) ќе играат во финалето на Светскиот куп (СК) во Гоа (Индија) и обезбедија настап на Турнирот на кандидатите за предизвикувач на светскиот првак. Синдаров (19) прв се пласира во финалето, откако го победи сонародникот Нодирбек Јакубоев (2.689) во дополнителните мечеви, во кои ја доби првата партија, а во втората Јакубоев најде шанси да возврати, но на крајот ремизира. На другата табла беше дуелот помеѓу Русинот Андреј Есипенко (2.693) и Ји, кој доби шанси за победа со црни фигури во првата партија, но ремизира, а ја доби втората.
На Турнирот на кандидатите в година ќе играат осум шахисти, а досега настап обезбедија Фабиано Каруана, Аниш Гири, Матијас Блубаум, Веи Ји и Јавохир Синдаров. Преостанатиот учесник на Турнирот на кандидатите од Светскиот куп ќе биде Јакубоев (23) или Есипенко (23) по мечот за третото место на СК 2025. Г.И.


КОШАРКА – НБА

Харден е првиот што постави поентерски рекорди во два клуба

Бекот Џејмс Харден (36) постави рекорд за Лос Анџелес клиперс со 55 постигнати поени во победата со 131-116 на мечот со Шарлот во кошаркарската НБА-лига. Со тоа тој го надмина претходниот тимски рекорд од 52 поена на еден натпревар, кој заеднички го држеа Боб Мекаду и Чарлс Смит.
Ѕвездата на ЛА клиперс со тоа стана првиот кошаркар во НБА-лигата што поставил клупски рекорд во постигнување поени во еден натпревар за два клуба. Така, додека играше во Хјустон, во 2019 година, Харден постигна 61 поен во еден натпревар, што е клупски рекорд на Хјустон.
– Трудот што го вложувам индивидуално, го правам за целиот тим. Само се обидувам да најдам начини да победувам во натпреварите – рече Харден, пренесе „Би-би-си“.
Детроит останува на врвот на Источната конференција, откако ја продолжи победничка серија на 12 меча (нивната најдобра низа од 2004 година), со победа со 129-116 на дуелот со Милвоки, и сега има 14 победи и два пораза, а ЛА клиперс е 12-ти со 5-12. Во Западната конференција води Оклахома со 17 победи и еден пораз. Г.И.