Фото: ЕПА / Илустрација

Ги поздравуваме континуираните напори на САД за воспоставување мир во Украина и сметаме дека првичниот нацрт на планот од 28 точки вклучува важни елементи што ќе бидат од суштинско значење за праведен и траен мир, па затоа веруваме дека предлогот е основа што ќе бара дополнителна работа, се наведува во заедничката изјава на група лидери по нивната денешна средба на маргините на Самитот на Г20 во Јоханесбург.

– Подготвени сме да се ангажираме за да обезбедиме одржливост на идниот мир – се наведува во заедничката изјава на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателите на Финска и Франција, Александер Стуб и Емануел Макрон, на премиерките на Италија, Џорџа Мелони и на Јапонија, Санае Такаичи, на германскиот канцелар Фридрих Мерц и на премиерите на Велика Британија, Кир Стармер, на Ирска, Мајкл Мартин, на Канада, Марк Карни, на Норвешка, Јонас Гар Сторе, на Холандија, Дик Схоуф и на Шпанија, Педро Санчез.

Во изјавата се наведува дека лидерите се јасни во ставот за почитување на принципот дека границите не смеат да се менуваат со сила и изразуваат загриженост за „предложените ограничувања на украинските Вооружените сили, што би ја оставило Украина ранлива на идни напади“.

– Повторуваме дека спроведувањето на елементите што се однесуваат на Европската Унија и на НАТО ќе бара согласност од членките на ЕУ и НАТО. Ја користиме оваа можност да ја нагласиме силата на нашата континуирана поддршка за Украина. Ќе продолжиме тесно да се координираме со Украина и САД во наредните денови – се додава во изјавата.