Мировниот план направен во Вашингтон, кој го разви специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, заедно со други американски претставници во консултација со руската страна, предвидува украински територијални отстапки и делумно разоружување на украинската армија, забрана за влез на Украина во НАТО, меѓународно признавање на териториите во Украина под руска контрола, укинување на антируските санкции и уште низа други конкретни чекори. Во продолжение го објавуваме текстот на планот во целост.
1. Суверенитетот на Украина ќе биде потврден.
2. Меѓу Русија, Украина и Европа ќе биде склучен целосен и сеопфатен пакт за ненапаѓање. Сите двосмислености од изминатите 30 години ќе се сметаат за решени.
3. Не се очекува Русија да ги нападне соседните земји и не се очекува понатамошно проширување на НАТО.
4. Ќе се води дијалог меѓу Русија и НАТО, со посредство на САД, за решавање на сите безбедносни прашања и создавање услови за деескалација со цел да се обезбеди глобална безбедност и да се зголемат можностите за интеракција и иден економски развој.
5. Украина ќе добие сигурни безбедносни гаранции.
6. Бројот на припадници на украинските вооружени сили ќе биде ограничен на 600.000 луѓе.
7. Украина се согласува да вметне во својот устав дека нема да се приклучи на НАТО, а НАТО се согласува да вклучи во своите статути одредба дека Украина нема да биде примена во иднина.
8. НАТО се согласува да не распоредува трупи во Украина.
9. Европски борбени авиони ќе бидат стационирани во Полска.
10. Безбедносни гаранции од САД:
– САД ќе добијат надомест за гаранциите;
– доколку Украина ја нападне Русија, ќе ја изгуби гаранцијата;
– доколку Русија ја нападне Украина, со решителен координиран воен одговор, сите глобални санкции ќе бидат вратени, признавањето на нова територија и сите други придобивки од овој договор ќе бидат поништени;
– доколку Украина лансира ракета кон Москва или Санкт Петербург без причина, безбедносната гаранција ќе се смета за неважечка.
11. Украина ги исполнува условите за членство во ЕУ и ќе добие краткорочен преференцијален пристап до европскиот пазар додека се разгледува ова прашање.
12. Робустен глобален пакет мерки за обнова на Украина:
– основање фонд за развој на Украина за инвестирање во индустрии со висок раст, вклучувајќи технологија, центри за податоци и вештачка интелигенција;
– САД ќе работат со Украина за заедничка рехабилитација, развој, модернизација и управување со гасната инфраструктура на Украина, вклучувајќи цевководи и складишта;
– заеднички напори за обнова на областите разурнати од војната за обнова, реконструкција и модернизација на градовите и станбените области;
– развој на инфраструктурата;
– екстракција на минерали и природни ресурси;
– Светската банка ќе развие посебен пакет за финансирање за забрзување на овие напори.
13. Русија ќе се реинтегрира во глобалната економија:
– санкциите ќе бидат укинати и преговарани во фази на индивидуална основа;
– САД ќе склучат долгорочен договор за економска соработка за постигнување заеднички развој во областите на енергетиката, природните ресурси, инфраструктурата, вештачката интелигенција, центрите за податоци, проектите за рударство на ретки метали во Арктикот и други меѓусебно корисни корпоративни можности;
– Русија ќе биде поканета назад во Г8.
14. Замрзнатите средства ќе се користат на следниот начин: сто милијарди долари замрзнати руски средства ќе бидат инвестирани во напорите за реконструкција и инвестиции во Украина предводени од САД. САД ќе добијат 50 отсто од профитот од овој потфат. Европа ќе придонесе со 100 милијарди долари за да се зголеми износот на инвестиции достапни за обнова на Украина. Замрзнатите европски средства ќе бидат одмрзнати. Преостанатите замрзнати руски средства ќе бидат инвестирани во посебен американско-руски инвестициски фонд, кој ќе спроведува заеднички проекти во одредени области. Овој фонд ќе има цел зајакнување на односите и зголемување на заедничките интереси со цел да се создаде силен поттик за да не се врати конфликтот.
15. Ќе се формира заедничка американско-руска работна група за безбедносни прашања за да се олесни и обезбеди спроведувањето на сите одредби од овој договор.
16. Русија со закон ќе ја утврди својата политика на неагресија кон Европа и Украина.
17. Соединетите Американски Држави и Русија ќе се согласат да го продолжат Договорот за неширење на нуклеарно оружје и нивна контрола, вклучувајќи го и Договорот СТАРТ-1.
18. Украина се согласува да биде ненуклеарна држава во согласност со Договорот за неширење на нуклеарно оружје.
19. Нуклеарната централа „Запорожје“ ќе биде ставена во функција под надзор на МААЕ, а произведената електрична енергија ќе биде еднакво поделена помеѓу Русија и Украина – 50-50.
20. Двете земји се обврзуваат да имплементираат образовни програми во училиштата и општеството насочени кон разбирање и толеранција на различни култури и елиминирање на расизмот и предрасудите:
а) Украина ќе ги усвои правилата на ЕУ за верска толеранција и заштита на јазичните малцинства;
б) Двете земји ќе се согласат да ги укинат сите дискриминаторски мерки и да ги гарантираат правата на украинските и руските медиуми и образование;
в) Сите нацистички идеологии и активности мора да бидат отфрлени и забранети.
21. Територија:
а) Крим, Луганск и Донецк ќе бидат де факто признаени како руски, вклучително и од страна на Соединетите Американски Држави;
б) Херсон и Запорожје ќе бидат замрзнати по линијата на контакт, што ќе значи де факто признавање по линијата на контакт;
в) Русија се откажува од другите договорени територии (веројатно се однесува на деловите од регионите Харков, Суми и Дњепропетровск окупирани од Руската Федерација, оп. ГН.), кои ги контролира надвор од овие пет региони;
г) Украинските сили ќе се повлечат од делот од Донецката Област што моментално ја контролираат, а оваа зона на повлекување ќе се смета за неутрална демилитаризирана тампон-зона, меѓународно признаена како територија што ѝ припаѓа на Руската Федерација. Руските сили нема да влезат во оваа демилитаризирана зона.
22. По договарањето за идните територијални аранжмани, и Руската Федерација и Украина се обврзуваат да не ги менуваат овие договори со сила. Во случај на прекршување на оваа обврска, нема да важат безбедносни гаранции.
23. Русија гарантира пристап на Украина за користењето на реката Днепар од страна за комерцијални активности и ќе се постигнат договори за слободен транзит на жито преку Црно Море.
24. Ќе се формира хуманитарен комитет за решавање на отворените прашања:
а) Сите преостанати затвореници и тела ќе бидат разменети по принципот „сите за сите“;
б) Сите цивилни притвореници и заложници ќе бидат вратени, вклучително и децата;
в) Ќе се спроведе програма за повторно обединување на семејствата;
г) Ќе се преземат мерки за ублажување на страдањата на жртвите од конфликтот.
25. Украина ќе одржи избори во рок од 100 дена.
26. Сите страни во овој конфликт ќе добијат целосна амнестија за нивните постапки за време на војната и ќе се согласат да не поднесуваат никакви барања или да разгледуваат никакви жалби во иднина.
27. Овој договор ќе биде правно обврзувачки. Неговото спроведување ќе биде следено и гарантирано од мировен совет со кој ќе претседава претседателот на САД, Доналд Трамп. Прекршувањата ќе бидат предмет на санкции.
28. Откако сите страни ќе се согласат со овој меморандум, прекинот на огнот ќе стапи во сила веднаш откако двете страни ќе се повлечат од договорените точки за да започнат со спроведување на договорот.


































