Во „Чифте-амам“ при Националната галерија на Македонија е отворена самостојна изложба на ликовниот уметник и редовен професор на Државниот универзитет во Тетово, Сафет Спахиу, со наслов „Пурпурна имагинација“. На изложбата се изложени педесет дела од овој негов последен циклус на слики изработени во комбинирана техника. Изложбата ја отвори директорот на Националната галерија на Македонија, Али Синани, а кустос е Маја Крстевска. Изложбата ќе биде отворена до 24 ноември.
Изложбата од циклусот „Боја на пурпурот“ на ликовниот уметник Сафет Спахиу во Националната галерија на Македонија ни го открива неговиот творечки пат преку неколку поетични кругови во кои – низ силен индивидуален израз што доминира во формирањето на неговата моментална преокупација – е даден белег на поетски приказ. За реализација на комплексната идеја на содржината и начинот на кој ја прикажува темата, поетиката на пурпурната боја ја визуализира во графикон со експресивен тоналитет на заднина со јасни контури и константен впечаток на наративни симболи, со јасно изразена рефлексија. Со истакнати претстави, со студиозно и прецизно обликување на дадените проблеми на творечката способност за креација, Спахиу исцрпно ја конципира својата идеја на правилно изведена композиција.
Во овој циклус одлика на авторот се јаки контрасти со потези во полутонови и големата желба да се избегне, да се одмине денешницата. Тоа на гледачот му овозможува чувство на контакт со делото, како и допир со радоста на неговото творештво. Патем, уметникот ни ја демонстрира својата чиста сведеност на необични, имагинарни и поетски слики, како и уметничката посветеност што води, пред сѐ, кон синтеза врз сопствените искуства. Со својата современа интерпретација и со интензивната употреба на различни вредности во преминот на колоритот кон пурпурната боја, Спахиу постигнува рамноправен уметнички и стилски сроден импакт.
– Со својата фокусираност на сепаратно поставени експресии, во еден нов духовен амбиент, со веќе постигнат дигнитет, уметниковата поетска импресија е претставена како универзална информација. Потребата да се пренесе пораката, мислата или идејата, преку исчитување на уметничкото дело, овде е јасна сензација на знакови и симболи, преку формирање наратив што е продолжение на природата на реализацијата.
Спахиу со изразена динамичност ни ја открива емоцијата во секој свој потег, а со преплетот на боите придонесува за спонтано втемелување во единствена приказна, со која ни отелотворува дел од своето битие, ни ги открива своите внатрешни визии, но и доживувањето на надворешниот свет.
Анализирајќи го прикажаното, можеме да заклучиме дека Спахиу со посебна леснотија и прецизност на наративот кохезира до поетичната пурпурна, која, впрочем, апстрактно експресионистички ја втемелува како главен принцип, наедно успевајќи да ја задржи виталноста на композицијата – пишува Маја Крстевска, виша кустоска.
Спахиу е роден во 1960 година во Призрен, Република Косово, од 1994 година живее во Гостивар. Дипломирал на Факултетот за уметности при Универзитетот во Приштина, на отсекот за графички дизајн, во класата на проф. Шиќри Нимани.
Постдипломски студии завршил на Факултетот за уметности на катедрата за графички дизајн во класата на проф. Шиќри Нимани при Универзитетот во Приштина.
Имал голем број самостојни изложби. Учествувал на многу колективни изложби во земјата и во странство, како што се: Косово, Албанија, Хрватска, Германија, Франција, Турција, Бугарија, Аргентина, САД, Јужна Кореја, Обединетите Арапски Емирати итн. Добитник е на многу награди и признанија.


































