фото: МОТ

Со претставата „Лимениот барабан“ во режија на Васил Христов, а во изведба на Југословенско драмско позориште од Белград, на сцената на МНТ, од вечерва стартува, 50-то издание на Млад отворен театар – МОТ.
Јубилејното издание започнува со претстава во која има доминантно македонска авторска екипа, која го постави антологиското дело на германскиот нобеловец Гинтер Грас, „Лимениот барабан“.
– Југословенско драмско позориште низ овие 50 години, повеќе од десетина пати бил на репертоарот на МОТ, но привилегија е годинава што тројца наши автори го создаваат ова драмско парче и ќе ги гледаме на отворањето во „Лимениот барабан“, Никола Коџобашија, автор на музика, Костантин Трпеноски, автор на сценографија и Васил Христов – режија, кој како белградски студент на ФДУ, после 30 години се враќа на таа сцена со свое дело – вели Русе Арсов од тимот на МКЦ.
Врз основа на препознавање на творечкиот јазик, претставата ги спои овие домашни автори.

– Лимениот барабан е моја прва соработка со Васил Христов и со Југословенско драмско позориште, и беше посебна од различни аспекти. Визуелниот израз на претставата е минималистички и знаковен, со елементи кои имаат јасна функција и смисловност. Токму во тоа беше и сценографскиот предизвик: во дисциплината на редукцијата, прецизноста на деталите и „невидливоста“ на механизмите, преку кои се одвиваат сценските трансформации – изјавува Костантин Трпеноски како автор на сценографијата.
Костантин Трпеноски е македонски архитект и сценограф, кој живее и работи во Виена и неговото присуство на драмската сцена е повод, утре на 20 ноември да ја погледнеме уметничката инсталација „Сценариум и имагинариум“ во холот на МКЦ.
– Изложбата претставува пресек од петнаесет сценски дизајни, кои ќе бидат прикажани како дел од привремена уметничка инсталација и придружени со музички теми од претставите. Уметничката инсталација го преобликува постоечкиот простор, третирајќи го истиот како медиум, притоа нудејќи можност за лично доживување и интерпретација кај посетителот. Во изборот се и сценографиите за претставите „Чудна случка со кучето во ноќта“ (2023) и „Макбет“ (2019), двете наградени за најдобра сценографија на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп – дополнува Трпеноски.
Под мотото „Нашите во светот“ – МОТ годинава носи македонски авторски имиња кои ја прават интернационално видлива, нашата театарска мисла.