Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“ ја освои наградата „Сребрен чин“, доделена од детското жири на 19. издание на детскиот филмски фестивал и форум „Чин“, кој се одржа од 9 до 14 ноември во Њу Делхи, Индија.
Фестивалот „Чин“ е една од водечките азиски платформи посветени на детски филм и медиумска писменост. Организацијата, предводена од културните активисти Минакши и Винај Рај, веќе речиси две децении создава уникатна средба меѓу уметниците и младата публика. Карактеристично за фестивалот е што децата самите ги гледаат, дискутираат и гласаат за филмовите, што ја прави наградата уште позначајна.
Фестивалот „Чин“ е познат и по тоа што наградените филмови влегуваат во нивната широка образовна мрежа од библиотeки, училишта и културни центри, што може да отвори нови можности за прикажување на филмот низ Индија и пошироко.
– Ова признание ни е особено драго затоа што доаѓа директно од публиката за која филмот е создаден. Индија има неверојатна традиција во детската култура и образование и голема чест е да се најдеме меѓу наградените филмови – изјави режисерот Гоце Цветановски по добивањето на наградата.

































