Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска ги распиша локалните избори за четирите општини Гостивар, Маврово Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа каде на 19 октомври, прв круг на Локалните избори немаше доволен број излезени граѓани на гласање. Изборите ќе се одржат на 11 јануари 2026 година во согласност со Уставот, Изборниот законик и соодветното законодавство.
– Упатувам повик до Државната изборна комисија, општинските изборни комисии, како и до набљудувачките организации да постапуваат совесно, транспарентно и професионално. Ги повикувам сите политички субјекти и кандидатите учесници во овој процес да водат мирен, фер и демократски изборен процес, со почитување на изборните стандарди и европските вредности – вели Гаши.
Претседателот на Собранието ги повика граѓаните на 11 јануари масовно да учествуваат и да го остварат своето право на изборите.
– Исто така, им се обраќам на граѓаните на овие општини да го остварат своето право и масовно да учествуваат на гласањето. Повторувањето на изборите ја потврдува важноста на учеството на секој граѓанин во локалното одлучување и во зајакнувањето на институционалниот легитимитет – рече Гаши.
За 13 часот седница закажа и Државната изборна комисија, која треба да ги почне подготовките за повтореното гласање во овие општини.


































