Владко Грозданов, градоначалник на Кочани

Подготви: Каролина Мицевска

Владко Грозданов од ВМРО-ДПМНЕ, по професија доктор специјалист, е новиот градоначалник на Општина Кочани, при што тој вели дека функцијата ја прифатил со голема чест и одговорност. Пред него се многубројни предизвици, кои планира да ги совладува и да придонесува за развој на градот.
– Во овие моменти да се биде градоначалник на Кочани е сѐ, а најмалку функција. Повеќе е одговорност, обврска, завет, храброст, дури и повеќе од храброст. Им благодарам на граѓаните што ми дадоа поддршка и ја избраа мојата опција. Нема да ги изневерам. Им се обраќам и на сите оние што не ја дадоа поддршката за мене. Не сум човек што пати од суети и комплекси. Мојата врата секогаш ќе биде отворена и за нив. Ќе биде отворена за сите што нудат нови идеи, решенија, проекти, нови предлози за реализација за подобро утре на кочанци. Ќе го вложам сиот максимум, ќе дадам сѐ од себе, целата моја енергија, Кочани да стане добро, солидно место за живеење – изјави Грозданов за медиумите.

Првиот предизвик му е Градскиот пазар во Кочани.
– На овој простор, кој има големо значење за секојдневниот живот во нашиот град, но и за локалната економија, констатиравме дека сегашната организација на пазарниот простор може да создаде пречки во сообраќајот, особено за возилата за итна интервенција. Затоа со трговците посочивме на потребата од поставување тезги на начин што ќе овозможи безбеден, функционален и уреден пазар за сите. Наедно со продавачите на зелениот пазар разговаравме и за потребата од редовно одржување на хигиената, затоа што чистиот и уреден пазар е одраз на нашата заедничка одговорност и на грижата за здравјето на граѓаните – посочува градоначалникот, истакнувајќи дека секој од продавачите треба да го собира отпадот во вреќи, за на крајот на пазарниот ден да не се создава грда слика и поголем обем на работа на комуналците.

Поради лошата состојба во која се наоѓаат јавните тоалети во кругот на Градскиот пазар, градоначалникот најави итна интервенција на тој план, како и активности за модернизација и унапредување на пазарната инфраструктура.