Иван Јорданов, градоначалник на Штип
Подготви: Каролина Мицевска
Иван Јорданов од ВМРО-ДПМНЕ по вторпат стана градоначалник на Општина Штип. Со тоа општината влегува со јасно дефинирани приоритети насочени кон одржлив урбан развој, подобрување на инфраструктурата и зголемување на квалитетот на животот на граѓаните.
– Штип во следните години ќе биде град на модерни решенија, ефикасна администрација и силен економски подем. Еден од клучните капитални проекти што општината ќе го реализира е изградбата на обиколницата, која ќе ги поврзе населбите Баби и Балканска. Со овој проект ќе се намали сообраќајниот метеж и ќе се зголеми безбедноста на граѓаните. Паралелно со тоа, ќе започнат и санација и уредување на калето на тврдината Исар, кое претставува симбол на градот и важен дел од културното наследство – истакнува Јорданов.
Тој најавува дека фокусот на општинските активности ќе биде и поставувањето современ СКАДА-систем за контрола и управување со водоснабдувањето, проект што конечно треба трајно да го реши деценискиот проблем со недостиг од вода.
– Предвидено е и уредување на влезот на градот од правец на населбата Три Чешми до Железничка, со цел да се добие модерен и уреден изглед што ќе ги одразува динамиката и развојот на Штип. Посебно внимание ќе биде посветено на уредувањето на централното градско подрачје. Планираме и реконструкција и модернизација на градскиот плоштад, создавање нови пешачки зони, како и реставрација на познатата саат-кула, еден од највпечатливите белези на Штип – дополнува Јорданов.
Во овој контекст, планирани се инвестирања и во создавање нови зони за рекреација и активности за деца и млади, со цел да се поттикне здрав и активен начин на живеење.
Паралелно со инфраструктурните зафати, Општина Штип работи и на зголемување на ефикасноста на своите административни служби.
– Се разгледуваат можности за делумна реорганизација на општинските простории, со цел граѓаните на едно место да можат да завршат повеќе административни услуги. Во исто време, се интензивира процесот на дигитализација, што ќе донесе поголема достапност, транспарентност и заштеда на време за сите корисници. Нашата визија е Штип да стане пример за современа, функционална и отворена локална самоуправа, која работи во интерес на граѓаните – наведува градоначалникот Јорданов.
Во последните неколку години, Општина Штип се потврдува како една од најатрактивните дестинации за инвестиции во источниот дел на државата.
Реализирани се и се реализираат повеќе капитални проекти од локален и регионален интерес, додека интересот на домашни и странски инвеститори постојано расте, особено во секторите на обновливи извори на енергија и лесната индустрија.
– Со јасна визија, посветеност и конкретни проекти, Општина Штип продолжува да го гради патот кон модерен, развиен и просперитетен град, центар на можности за сегашните и идните генерации – заклучува градоначалникот на Штип, Јорданов.

































