Американскиот потпретседател, Џеј Ди Венс, изјави дека не го гледа американскиот државен секретар Марко Рубио како соперник, и покрај шпекулациите за можно соперништво пред претседателските избори во 2028 година, објави „Хил“.
Во интервју за „Фокс Њуз“, Венс рече дека ниту тој ниту Рубио немаат „право“ на претседателската функција и дека ќе разговара за идните претседателски планови со американскиот претседател Доналд Трамп дури по среднорочните избори следната година, односно среднорочните конгресни избори.
– Ќе направиме сè што можеме за да ги добиеме среднорочните избори, а потоа, после тоа, ќе седнам со претседателот на САД и ќе разговарам со него за тоа – рече Венс, нагласувајќи дека во моментов е фокусиран на „сегашноста“ и работата на администрацијата.
Кога беше прашан за односот со Рубио и можното соперништво, потпретседателот одговори дека „воопшто не се чувствува така“.
– Ако Марко се кандидира за претседател, тогаш ќе видиме како ќе го преминеме тој мост. Затоа, мислам дека е смешно кога ми кажувате дека Марко ми е ривал. Не, Марко ми е колега – рече Венс.
Тој, исто така, го опиша Рубио како свој „најдобар пријател“ во администрацијата и истакна дека тие работат заедно за спроведување на владини програми.
Минатиот месец, Трамп ги спомена Венс и Рубио како потенцијални наследници, велејќи дека ако формираат тим, двајцата ќе бидат „незапирливи“.
Венс, меѓутоа, отфрли какви било тензии меѓу двајцата и ја нагласи важноста на соработката во рамките на администрацијата.


































