ФУДБАЛ

  • Мечевите на ЕП 2028, кое заеднички ќе го организираат Англија, Република Ирска, Шкотска и Велс, ќе се играат со почеток во 15, 18 и во 21 часот, а финалето од 18 часот

Првиот меч на Европското првенство (ЕП) во 2028 година треба да се одигра на Националниот стадион на Велс во Кардиф, на 9 јуни 2028 година, а завршната недела на континенталното првенство е предвидено да се игра на стадионот „Вембли“ во Лондон, и тоа полуфиналињата на 4 и на 5 јули и финалето на 9 јули, објави Европската фудбалска унија (УЕФА).
– Фудбалот е универзален јазик. Тој изразува страст, вештина, храброст, солидарност и почит подобро од кој било друг јазик и постојано нѐ потсетува дека нашите разлики се токму она што го прави нашиот спорт толку убав. На ЕП 2028 сите ќе зборуваме за фудбал – гласно, јасно и обединето. Земјите домаќини, каде што играта првпат се оформи, со нетрпение очекуваат да им посакаат добредојде на милиони гледачи на легендарните стадиони, обезбедувајќи ја вистинската сцена за фестивал на емоции, живописно отелотворени во дизајнот што го презентиравме денес. Гледачите ќе бидат срцето што чука на овој турнир. Со начинот на кој се организираат натпреварите, вклучувајќи ново, попогодно време за почеток на финалето (18 часот) и со услугите низ градовите-домаќини и стадионите, сакаме да го максимизираме искуството на навивачите, на стадионите и низ целиот свет, за да можат повеќе луѓе од кога било целосно да уживаат во она што ветува дека ќе биде еден од најголемите настани во годината – рече претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, за време на лансирањето на брендот на ЕП 2028 во Лондон, пренесе УЕФА.
На ЕП 2028, кое заеднички го организираат Англија, Република Ирска, Шкотска и Велс, ќе играат 24 репрезентации (првите две селекции од секоја од шесте групи ќе продолжат во осминафиналето, заедно со четирите најдобри третопласирани), ќе има вкупно 51 натпревар, на девет стадиони, во осум града (по еден стадион во Кардиф, Даблин, Глазгов, Њукасл, Манчестер, Ливерпул и во Бирмингем и два во Лондон). Стадионите ќе бидат домаќини на најмалку две различни групи за да им се обезбеди на локалните гледачи можност различни селекции да играат во нивниот град домаќин, пишува УЕФА. Осум од деветте стадиони, со исклучок на „Вембли“, ќе бидат домаќини на натпревари од осминафиналето, а четвртфиналните мечеви ќе се играат во Кардиф, Даблин, Глазгов и Лондон („Вембли“). Мечевите на ЕП 2028 ќе се играат со почеток во 15, 18 и во 21 часот, а финалето ќе почне во 18 часот. Н.М.