Фото: „Нова Македонија“
  • Просечното време изгубено на натпревар во Премиер-лигата за аути, гол-аути, корнери и за слободни удари е повеќе од 38 минути. Во Англија, Германија, Италија и во Франција има тренд на опаѓање на ефективната игра, а само во Шпанија има мал пораст сезонава, пишува „Би-би-си“

Без разлика дали станува збор само за забавување на играта или за создавање тактички тајмаут со очигледна повреда, тоа влијае на уживањето во фудбалските натпревари, а Светската фудбалска федерација (ФИФА), од своја страна, сака да види 60 минути фудбал од 90-минутен натпревар, пишува „Би-би-си“. Најблиску до тоа се дојде на Светското првенство во 2022 година со додавање многу продолженија, но дури и тогаш просечното време на топката во игра беше 59 минути и 28 секунди. Меѓународниот фудбалски борд (ИФАБ), кој ги одредува правилата во фудбалот, ја предложи идејата за запирање на часовникот кога топката ќе излезе надвор од теренот. Тоа функционира во одредени спортови, па дали е решението што е потребно во фудбалот, пишува „Би-би-си“.
Кога петте најдобри европски лиги го следеа примерот на ФИФА и го намалија губењето време во сезоната 2023/2024, всушност функционираше и сите уживаа во повеќе време поминато со топка во игра. Но сезона по сезона оттогаш, тоа се намалува. Од максимумот од 58 минути и 11 секунди во таа сезона во Премиер-лигата, тој падна на 56 минути и 59 секунди во сезоната 2024/2025, и на 55 минути и пет секунди сезонава, при што натпреварите уште траат повеќе од 100 минути во просек. Играта речиси е вратена на 54 минути и 49 секунди од сезоната 2022/2023, но просечното времетраење на меч тогаш беше пократко, 98 минути и 27 секунди, па всушност се губи повеќе време, пишува „Би-би-си“. Два натпревара сезонава, Астон вила – Борнмут (45 минути и 48 секунди) и Њукасл – Ливерпул (45 минути и 55 секунди) дури имаа и помалку од 46 минути време со топката во игра. И Бундеслигата, Серија А и Лига 1 го имаат истиот тренд на опаѓање, а само Ла лига има мал пораст сезонава, на 55 минути и 14 секунди, четири секунди повеќе отколку пред две сезони.
Европската фудбалска унија (УЕФА) бара од своите судии да бидат попроактивни, а Лигата на шампионите секогаш добива повеќе време за игра со топката во однос на дополнителното време, сезонава 56 минути и осум секунди фудбал во просечна должина на натпревар од 97 минути и 22 секунди. Сепак, уште има средби во кои топката беше во игра помалку од половина од натпреварот, како тој помеѓу Арсенал и Славија (41 минута и 39 секунди), пишува „Би-би-си“.
Кога ИФАБ се состана минатиот месец, имаше „посебен фокус на понатамошни мерки за подобрување на текот на играта и минимизирање на прекините“. Главни цели беа аутите и изведувањата гол-аут. Техничките панели на ИФАБ дискутираа за поставување временско ограничување за обете, а гледањето на статистиката јасно покажува зошто, пишува „Би-би-си“.
Просечното време изгубено на натпревар за гол-аут во Премиер-лигата е седум минути и 42 секунди, или 30,4 секунди за секој (лани малку помалку од седум минути). Топката, во просек, е надвор од игра 11 минути и 20 секунди чекајќи играчите да изведат аут (18 секунди за секој аут). Тој просек лани беше 16,1 секунди, 15,6 во сезоната 2023/2024. На корнер, обично се чека пет минути и 58 секунди за топката да се врати во игра, 36,4 секунди за секој корнер. На слободните удари, тоа вкупно е 13 минути и 25 секунди во просек.
Вкупно, тоа се повеќе од 38 минути што се одземаат од играта.
Една претпоставка во врска со мечеви со две полувремиња по 30 минути е тоа што времетраењето на еден натпревар теоретски нема да има фиксна крајна точка, пишува „Би-би-си“. Но дали тоа навистина е случај? Еден меч во Премиер-лигата трае 100 минути и 46 секунди во просек. Со 60-минутен натпревар во кој времето ќе се запира кога топката излегува надвор, со просечно време изгубено поради корнери, удари од голот и аути би траел 98 минути и 35 секунди. Ако се додаде просечното време потребно за слободни удари, и вкупното време нема да биде премногу далеку над тие 100 минути и 46 секунди. Значи, според тие бројки, времетраењето на една средба нема да биде премногу подолго отколку што е сега. Но тоа е просечен меч. Ако се вратиме на претходниот пример на дуелот на Арсенал со Славија, таква средба би траела вкупно повеќе од два часа, пишува „Би-би-си“. Таа неизвесност околу должината на натпреварите, особено оние што се играат навечер, не е добра за гледачите. Исто така, не може да се предвиди како би се променило однесувањето на играчите, без директна корист од губењето време, дали уште би гледале екстреми, или би се влошило, бидејќи брзото рестартирање на играта не прави никаква разлика, пишува „Би-би-си“. Н.М.