Ако вашето патување ве однесе во Њујорк, додека шетате низ овој волшебен град ќе наидете на голем број мали продавници каде што ќе можете да купите буквално сè што ви е потребно. Штом ќе зачекорите во волшебната империја на разни стоки, ќе слушнете мјаукање, но немојте да се растажите, бидејќи со овој поздрав ве дочекуваат славните бодега-мачки, кои моментално го освојуваат интернетот и брзо стануваат најновата туристичка атракција во Големото Јаболко.
Деном Римад е основач на „бодега кет“: бодега во суштина е мала продавница со разновидни стоки што може да се најде на секој агол на Њујорк. Се проценува дека постојат повеќе од 10.000 вакви продавници низ овој град и обично се во приватна сопственост. Во бодега можете да купите сè – од тоалетна хартија до капки за очи, „ред бул“ и лотариски тикети. Покрај тоа што се практична продавница, тие се културен камен-темелник на Њујорк, а нивните маскоти добиваат сè поголемо внимание.
Мачките што по цел ден седат во овие мали продавници неодамна се најдоа во центарот на вниманието и понекогаш се пренесуваат од старите сопственици на продавницата на новите. Секоја мачка што од улица доаѓа во продавница станува бодега ако остане во неа. Сите мачки имаат заедничка цел: тие се мајстори за сузбивање штетници и поголемиот дел од времето ги детектираат, ги гонат, ги ловат и ги елиминираат од продавниците.
Така, во продавница за вина во Вилијамсбург престојува мачката Тајгер, но таа не лови глодачи, туку нејзината улога е само да биде маскота на продавницата.
Деном Римад не обрнувал внимание на мачките од продавниците сè додека една мачка од винската продавница не му го украла срцето. Тоа била Луна, црно-бела мачка поради која тогашниот средношколец Деном на враќање од училиште одел таму само за да ја посети. Луна била неговата инспирација за логото „Бодега кетс оф Њујорк“.


































