Фото: Пиксабеј

Во Црна Гора од почетокот на 2025 година се поднесени вкупно 66 обвиненија поради сомнежи за фалсификувани дипломи за завршено образование, што претставува речиси двојно зголемување во споредба со минатата година – oбјави црногорската национална телевизија РТЦГ.

Лани во земјата беше поставен рекорд со 38 обвиненија за фалсификувани дипломи, додека во 2023 година беа поднесени 28 обвиненија.

– Фалсификуваните дипломи се еден од најопасните видови нарушувања на јавната безбедност, бидејќи директно го напаѓаат системот на еднакви можности и довербата на граѓаните во институциите – изјави за РТЦГ Зарија Павиќевиќ од невладиното здружение „Алтернатива Црна Гора“.

Според него, овој проблем е резултат на децениски недостиг на одговорност и контрола.

Павиќевиќ смета дека институциите во последните години преземаат мерки, но без јасна и недвосмислена волја од страна на политичкиот и судскиот систем, нема вистинско решение.

– Можеме да донесеме најдобри закони и да формираме многубројни групи, но ако обвинителите и судиите кои одлучуваат по овие предмети не покажат решителност и професионализам, ако остане простор за притисок и селективна правда, проблемот само ќе се рециклира. Црна Гора сè уште има судии и обвинители чија работа е доведена во прашање и токму тоа ги обесмислува сите институционални напори – посочи Павиќевиќ.

Во моментов, во Црна Гора не постои официјална статистика за бројот на фалсификувани дипломи, но според податоците на „Алтернатива Црна Гора“, нивниот број надминува 25.000 само во јавниот сектор.