Бруто девизните резерви на Србија на крајот на октомври изнесуваа 29,4 милијарди евра, што е највисоко ниво на девизни резерви на крај на месец, а во споредба со крајот на септември, тие се зголемиле за 312,3 милиони евра – објави денеска Народната банка на Србија.
Како што наведува централната банка, тој износ на девизни резерви е повеќе од двојно над стандардот што го одредува соодветното ниво на покриеност на увозот на стоки и услуги со девизни резерви.
– Најголемо влијание врз зголемувањето на девизните резерви имаа позитивните нето пазарни ефекти во износ од 482,3 милиони евра, кои се резултат на движењата на меѓународните пазари – првенствено зголемувањето на цената на златото во долари за околу 4,9 проценти, како и зајакнувањето на доларот во однос на еврото за околу 1,4 проценти – објаснуваат од НБС.



































