Кравите што произведуваат помалку метан при испуштањето гасови би можеле да се покажат како важен сојузник во борбата против климатските промени, смета професорот Мајк Кофи од Шкотскиот рурален колеџ.
Кофи вели дека телињата родени во програмата за одгледување „Кул каус“ произведуваат два отсто помалку метан од своите родители.
– Тоа е трајно и кумулативно. Значи, кога еднаш ќе добиете животно што произведува помалку метан, тоа произведува помалку и за време на животот. Кога се врши парење со бик што произведува помалку метан, потомството произведува уште помалку метан. И само продолжувате понатаму и понатаму. За 20 години, можете да го намалите метанот за 40 отсто – рече Кофи.
Во Велика Британија, според процените на научниците, земјоделството сочинува десет отсто од емисиите на стакленички гасови, а девет милиони крави и телиња во таа земја значително придонесуваат за тоа. Според податоците на Организацијата на Обединетите нации за храна и земјоделство, кравите и другите домашни животни произведуваат најмалку 12 проценти од глобалните емисии на метан.

































