Во просториите на „Галери МЦ“ во Њујорк, на 14 ноември 2025 година, ќе биде отворена самостојната изложба на уметникот Благојче Наумоски-Бане, со наслов „Енергија на материјата“ (Geometry of Matter).
Изложбата претставува просторно истражување на енергијата и материјалноста преку геометриска апстракција, каде што цртежот се претвора во медиум за размислување за односот меѓу видливото и невидливото, структурата и движењето, формата и празнината.
Проектот ја надминува човечката фигура како референтна точка и се насочува кон невидливата архитектура на материјата – нејзините ритми, тензии и трансформации – изразени преку серија цртежи инсталирани како имерзивна просторна инсталација.
Секој цртеж функционира како визуелен дијаграм, преку кој се спојуваат две различни традиции на поимање на енергијата и материјата.
Западниот принцип, кој нагласува структура, мерливост и аналитичка геометрија, и источниот принцип, кој ги истакнува текот, континуитетот и динамичната меѓузависност на силите.
Инсталацијата создава дијалог меѓу структура и движење, формалност и спонтаност, каде што линиите, формите и пресеците стануваат визуелни репрезентации на енергијата во движење. Цртежите функционираат како фрагменти од едно континуирано поле, градејќи наратив што ја претвора апстрактната геометрија во опипливо искуство на енергетско присуство.
Преку повторување, ритам и просторна композиција, изложбата создава контемплативна атмосфера каде што геометријата не е статична туку жива – рефлексија на рамнотежата помеѓу материјалното и нематеријалното, аналитичкото и интуитивното, западното и источното.
„Енергија на материјата“ ја поканува публиката на трансцендентно визуелно и сензорно доживување, кое ја открива енергијата како истовремено видлива и невидлива, структурирана и флуидна, присутна и потенцијална – медитација за пулсот на самата егзистенција.

































