Разоткривањето на сторителите и инспираторите за саботажата на „Северен тек 1“ има потенцијал да предизвика раскол низ Европа
- Судењето на осомничениот Украинец за саботажа на гасоводот „Северен тек 1“ може да биде меч со две сечила: од една страна би се потврдил професионализмот на германската истрага, а од друга тоа би било сериозен негативен удар за односите на Германија со Киев. Канцеларот Фридрих Мерц веќе се соочува со притисок од опозицијата, која бара намалување на финансирањето за Украина…
Врвни експерти, германски истражители, веќе три години се собираат секое утро во седиштето на Федералната криминална полиција во Потсдам, во близината на Берлин, во рамките на нивната истрага за да ја откријат фактичката состојба за тоа кој стои зад најголемиот чин на саботажа во поновата историја – експлозијата на гасоводот „Северен тек“.
Во врска со резултатите од оваа истрага, реномираниот „Волстрит џурнал“ тврди дека токму разоткривањето на сторителите и инспираторите за саботажата на „Северен тек 1“ има потенцијал да предизвика раскол низ Европа, а сега е на праг да ја поткопа поддршката за Украина од страна на Германија.
Случаите на екстрадиција предизвикуваат поделби
Полска веќе одбива да екстрадира еден од осомничените во Германија, сметајќи го за херој за уништување на главниот извор на приход за воената машинерија на Русија.
Полскиот премиер Доналд Туск, кој со години е критичен кон зависноста на Германија од руската енергија, дури ја исмеваше истрагата велејќи „проблемот не е што гасоводот е уништен, туку што воопшто е изграден“.
Во Германија, пак, опозициската партија АфД го искористи незадоволството на јавноста поради високите цени на енергијата, кои станаа трајни по саботажата. Партијата моментно води кампања за намалување на финансиската и воената помош за Киев, што би бил сериозен удар за западната поддршка за Украина.
Уште еден случај на екстрадиција, овој пат на украински државјанин од Италија, треба да се реши во наредните недели, што може дополнително да ги зголеми сомнежите за улогата на Киев во саботирањето на „Северен тек“.
Експлозиите го „срушија“ и германското балансирање
Најдолгиот од цевководите, „Северен тек 1“, се протегаше 1.200 километри под Балтичко Море, носејќи руски природен гас до Германија и до остатокот од Европа. Откако изби војната во Украина во февруари 2022 година, проектот стана симбол на колебањето на Западот, дали да го исклучи протокот на гас и со тоа да ја лиши Москва од приходи или да го задржи поради зависноста на европските економии од евтина енергија.
Германија се обиде да балансира: „Северен тек 1“ остана отворен, а беше одлучено новиот „Северен тек 2“ да не добие дозвола за работа. Сето тоа стана неважно во септември 2022 година, кога експлозиите на морското дно ги уништија двата цевковода. Илјадници тони метан, најопасниот стакленички гас, се излеа во Балтичко Море во најголемото испуштање гас предизвикано од човечки фактор досега.
Во тоа време, некои американски и германски функционери ја обвинија Русија дека самата ја организирала саботажата, додека Кремљ возврати тврдејќи дека САД и Велика Британија стојат зад нападот.
Сепак, германската полиција и обвинители тврдат дека реконструирале јасна слика за операцијата спроведена од елитна украинска воена единица, под директна команда на тогашниот врховен командант Валериј Залужни.
По трагата на чинот на диверзија
Истрагата започна веднаш по експлозиите. Со следење на компаниите за изнајмување чамци, сигналите на мобилните телефони и регистарските таблички, тимот од Потсдам идентификуваше група осомничени: тројца украински војници од специјалните сили и четворица професионални нуркачи, искусни во мисии во длабоко море.
Според извори блиски до истрагата, нивната цел била да ја исклучат Русија од приходите од енергија и економски да ги изолираат Москва и Берлин.
Клучниот доказ беше зрнеста црно-бела слика од лицето на украински нуркач од сообраќајна камера. Користејќи комерцијален софтвер за препознавање лица, полицајците го идентификуваа за неколку минути, следејќи ги неговите профили на социјалните медиуми и професионалните врски со другите учесници.
Но не се сите воодушевени од резултатите од истрагата. Нуркачот што бил во Полска, потоа брзо бил вратен во својата татковина во црно „БМВ“ со дипломатски таблички, управувано од воено аташе на украинската амбасада во Варшава. Киев не коментира за случајот, но висок украински функционер неформално изјавил дека операцијата е спроведена по предупредување од полската влада.
Одговорниот за операцијата бил пронајден во Италија по долга потрага, објавува „Волстрит џурнал“. Првично, полицијата имала само фотографија од украински пасош издаден под лажно име, вообичаена практика во операциите на тајните служби. Тој немал профили на социјалните мрежи ниту траги во европските бази на податоци.
Како што дознава „Волстрит џурнал“, за време на еден од нивните редовни утрински состаноци, истражителите на случајот почнале да „копаат“ по земјите каде што Украинците одат на одмор. Таа претпоставка наскоро дала плод: граничната полиција на пријателска земја го препознала лицето.
Човекот бил идентификуван како Сергеј К. (46), поранешен член на украинската безбедносна служба СБУ, воен ветеран што се приклучил на специјална единица на самиот ден на избивање на војната во Украина и командувал со воздушната одбрана во битката за Киев.
Потоа германската полиција го активирала таканаречениот „тивок аларм“ на неговиот пасош, кој се активира кога некое лице ќе ја премине границата на ЕУ. Во август, пристигнала дојава: Сергеј влегол во Полска од Украина, потоа преминал во Чешка, а потоа во Италија. Бил следен со помош на податоци за патарини и хотелски резервации на неговата сопруга.
Дипломатска мина за Берлин
Италијанската полиција го уапси Украинецот во одморалиште во близината на средновековниот град Сан Клементе. На пат кон судот, Сергеј крена три прста пред камерите, што е украински поздрав во форма на националниот грб. Неговиот адвокат тврди дека е невин, но исто така дека, дури и да учествувал, тоа го сторил како дел од воена операција и затоа ужива имунитет од кривично гонење. Германските истражители славеа во Потсдам, верувајќи дека нивниот случај ќе заврши со пресуда во германски суд.
Италијанските судии треба да одлучат за екстрадиција до декември, но Сергеј веќе штрајкува со глад бидејќи затворот не му дозволува веганска и безглутенска исхрана и има ограничен контакт со семејството. Доколку заврши во болница, екстрадицијата може да се одложи. Германската полиција веќе подготви специјален авион за да го однесе во Хамбург, каде што треба да се одржи судењето.
Но таквото судење може да биде меч со две сечила: од една страна би се потврдил професионализмот на германската истрага, а од друга тоа би било сериозен удар за односите на Германија со Киев. Канцеларот Фридрих Мерц веќе се соочува со притисок од опозицијата, која бара намалување на финансирањето за Украина, но неговите помошници тврдат дека тој ќе „успее да ги ублажи последиците“. Германската јавност, според извори блиски до владата, веќе во голема мера ја прифатила можноста дека Украина е одговорна за нападот, објавува „Волстрит џурнал“. Р.С.

































