Британскиот министер за труд и пензии, Патрик Мекфаден, денеска изјави дека британскиот јавен сервис Би-Би-Си треба да се извини доколку направил грешки во врска со прилогот за американскиот претседател Доналд Трамп.
– Би-би-си ќе мора да одговори на коментарите што ги изнесоа претседателот (Трамп) и неговите адвокати. Она што би го рекол е дека, кога Би-би-си прави грешки, треба да ги признае и да ги исправи, рече Мекфаден – пренесе „Скај Њуз“.
Во меѓувреме, генералниот директор на Би-би-си, Тим Дејви, кој претходно поднесе оставка, им се обрати на новинарите при пристигнувањето во зградата на медиумската куќа, истакнувајќи дека е горд на работата на новинарите на Би-Би-Си и дека британскиот јавен сервис и понатаму има „светла иднина“.
– Би-би-си ќе напредува, го поддржувам секој дел од тимот, многу сум горд на нив – рече Дејви.
Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп се закани со тужба против Би-би-си во износ од милијарда долари, обвинувајќи го британскиот јавен сервис дека минатата година се обидел да влијае на претседателските избори со монтирање на неговиот говор.
– Би-би-си го клеветеше претседателот Трамп намерно и со цел измама го монтираше документарецот за да се обиде да се вмеша во претседателските избори. Претседателот Трамп ќе одговори на оние кои шират лаги и лажни вести – рече портпаролот на правниот тим на Трамп за Ен-би-си.
Би-би-си соопшти дека ќе го прегледа писмото и ќе одговори во согласност со процедурата.
Во меѓувреме, Би-би-си се извини поради монтажата на говорот на Трамп, истакнувајќи дека немало намера да се измами јавноста.
Во документарецот беа споени два одделни дела од говорот на Трамп, меѓу кои поминале повеќе од 50 минути, што создаде впечаток дека станува збор за еден непрекинат дел, а веднаш по тие делови беше прикажана снимка од припадници на екстремно десничарската група „Прауд Бојс“ додека маршираат кон Капитол, иако таа снимка настанала пред Трамп воопшто да го почне говорот.
– Поради тоа е создаден погрешен впечаток дека претседателот Трамп директно повикал на насилни акции. Би-би-си се извинува за таа грешка во процената – се наведува во соопштението на британскиот јавен емитер.
Би-Би-Си истакнува дека немало намера да се измамат гледачите, туку во формат на резиме да се пренесат клучните пораки на говорот и да се прикажат настаните од тој ден, бидејќи оригиналниот говор траел повеќе од еден час.
Во соопштението се додава дека Би-би-си не го отстранил зборот „мирно“ (peacefully) од говорот на Трамп, како што се тврдеше во одредени наводи.
Претходно, генералниот директор на Би-би-си, Тим Дејви, и извршната директорка за вести, Дебора Тернес, поднесоа оставки по критиките дека документарната програма „Панорама“ ги довела гледачите во заблуда со монтажа и манипулација на говорот на Трамп.
Трамп на својата социјална мрежа „Трут Соушл“ ги поздрави оставките на раководството на Би-би-си, наведувајќи дека „многу нечесни луѓе се обидоа да влијаат на претседателските избори“.
Претседателот на Одборот на Би-би-си, Самир Шах, изјави дека ова е „тажен ден за корпорацијата“ и им се заблагодари на Дејви и Тернес за „нивната посветеност и долгогодишното служење на Би-Би-Си“, наведувајќи дека го разбира „личниот и професионалниот притисок“ што доведе до нивните одлуки, со напомена дека Управниот одбор ги почитува причините за оставките, пренесе британскиот јавен сервис.
Одлуките за повлекување следуваа откако весникот „Телеграф“ објави детали од интерен меморандум во кој се тврди дека емисијата „Трамп: Втора шанса?“ (Trump: A Second Chance?), емитувана минатата година, со спојување на два одделни дела од говорот на Трамп создала впечаток дека тој директно ги повикал поддржувачите на напад на Капитол во јануари 2021 година.
Авторот на документот, поранешниот советник на одборот на Би-Би-Си за уредувачки стандарди, Мајкл Прескот, наведе дека емисијата „целосно ги измамила гледачите“.
Прескот, пред да ја напушти функцијата во јуни, предупредил дека програмата, изработена во продукција на независната куќа „Октобер Филмс Лтд“, споила реченици од различни делови на говорот на Трамп, со што на претседателот на САД му било припишано нешто што никогаш не го изговорил, наведува „Телеграф“.
Во документот се тврди дека „Панорама“ го прикажала Трамп како им вели на поддржувачите дека „ќе тргне со нив да се борат до крај“, додека во оригиналот рекол дека „ќе тргне со нив за мирно и патриотски да го изразат своето мислење“.

































