Фото: Маја Јаневска-Илиева

Дваесетте години од добивањето кандидатски статус за членство во ЕУ како повод

  • Од „лидери“ и „ѕвезди“ останавме заглавени во европската чекалница зашто ЕУ се претвори, како во случајот со Грција, така и сега, „добра мајка“ за Бугарија, а „лоша маќеа“ за Македонија. Сега, Урсула фон дер Лајен, Марта Кос, Каја Калас, Антонио Кошта и Теодорос Русопулос
    бараат „ништо помалку и ништо повеќе“ од промена на Уставот, за да се вдоми во него „државотворниот бугарски народ“. Затоа се поставува прашањето дали сме подготвени да чекаме со години за влез во „елитниот европски клуб“ или ќе бараме друго џаде за нашата иднина
  • Не смее да се размислува само краткорочно за „европскиот пат на Македонија“, туку каде би нѐ одвело како држава и како граѓани сите заедно „чекорењето на тој пат“. Затоа би морало многу подолгорочно да обмислиме какви би биле последиците од прифаќањето на барањата на Бугарија, кои се веќе и барања на ЕУ. И каква Македонија ќе им оставиме на идните поколенија

Република Македонија вчера одбележа неславен јубилеј: изминаа 20 години од престојувањето во еврочекалницата, откако истиот ден во 1995 година Европската Унија донесе одлука да ѝ додели статус како земја кандидат за евроинтегрирање. Во овие две децении Македонија доби десетина позитивни препораки, ама и десетици вета и блокади од Грција и од Бугарија, соочувајќи се со тешко лицемерство на Брисел и неговите еврочелници, со двојни критериуми и непринципиелни стандарди, со внесување билатерални прашања во евроинтегративниот процес… Се судривме и со правото на посилниот, со правото на Бугарија и Грција дека имаат „посилни европски мускули“ од Македонија само затоа што се членки на ЕУ, небаре е таа некаква „европска џунгла“, а не цивилизациски клуб со демократски вредности и владеење на правото на еднаквоста. Во почетните години еврокандидатката Македонија беше прогласувана напати и како „регионален лидер“ во реформите, како „ѕвезда на балканското небо“, сѐ само да ја направи оваа, па онаа отстапка, да го смени знамето од Кутлеш, па името, па… Од „лидери“ и „ѕвезди“ останавме заглавени во европската чекалница зашто ЕУ се претвори, како во случајот со Грција, така и сега, во „добра мајка“ за Бугарија, а „лоша маќеа“ за Македонија. Сега, Урсула фон дер Лајен, Марта Кос, Каја Калас, Антонио Кошта и Теодорос Русопулос бараат „ништо помалку и ништо повеќе“ од промена на Уставот, за да се вдоми во него „државотворниот бугарски народ“. Затоа се поставува прашањето дали сме подготвени да чекаме со години за влез во „елитниот европски клуб“ или ќе бараме друго џаде за нашата иднина.

Кусогледоста на институциите на ЕУ не води сметка за идните генерации

Кога се обмислува што да се прави натаму со апликацијата и стремежите на Македонија за влез во ЕУ, од клучно значење е одговорот и на прашањето колку се земаат предвид интересите на идните македонски поколенија во сите овие досегашни евроинтегративни напори. Дали претпоставеното целосно исполнување на „добрососедскиот договор“ со Бугарија и внесувањето на Бугарите во македонскиот устав би обезбедило подобра сегашност за оваа постојна генерација, но и дали би создало услови за просперитетен живот на идните генерации на Македонците и другите етникуми во Македонија?
Пред да се обидеме да ги изнесеме можните одговори на овие прашања, ќе пренесеме дел од клучните согледувања во инспиративната анализа „Идните генерации како слепа точка на демократијата во Европа“ на д-р Роберто Алемано, професор по европско право во Високата школа за напредни бизнис-студии во Париз и научен истражувач во програмата „Иднината на Европа“ во Институтот за хуманистички науки во Виена, Австрија. Тој е еден од водечките научници за иднината на ЕУ и на Европа
Роберто Алемано истакнува дека Европската Унија беше замислена од своето основање како проект наменет не само за сегашните генерации туку и да ги заштити идните генерации.
– Поранешниот премиер на Италија, Марио Монти, ја нарече ЕУ „синдикат што ги брани интересите на идните генерации“. Но, се разоткрија фундаменталните недостатоци на системот на ЕУ, кој е способен да одговори само на сегашноста. Идните генерации немаат права, ниту претставување во донесувањето одлуки во ЕУ денес. Во сегашниот пејзаж на донесување одлуки во ЕУ недостигаат застапеноста и формалните права на идните генерации и нема долгорочни стратегии за периодот по 2050 година. Идните генерации немаат права, ниту претставување во донесувањето одлуки во ЕУ денес. Во овие околности, во кои неродените генерации нема да имаат место на масата, ниту креаторите на политиките ниту политичките лидери не се поттикнати да размислуваат и да дејствуваат долгорочно. Наместо тоа, тие се стремат да одговорат само на желбите на сегашните генерации гласачи. Институциите на ЕУ не се законски обврзани да размислуваат долгорочно и им недостигаат алатки за систематско обликување политики за иднината – посочува Роберто Алемано.
Овој политички експерт предупредува дека основачките договори на ЕУ нема да ги признаат ниту да ги дефинираат идните генерации на граѓаните на Европа.
– Системот на Европската комисија за регулатива успева да ги земе предвид последиците само за период од најмногу 20 години. Ако Европската комисија – најтехнократската од институциите на ЕУ – не успее систематски да се грижи за интересите на идните генерации при подготовката на своите законски предлози и други иницијативи, Европскиот парламент и Советот на ЕУ нема да направат ништо подобро. Нивните членови се избрани функционери, кои ја креираат политиката во рамките на логиката на петгодишниот изборен циклус на ЕУ. Сепак, многу од предизвиците што бараат одговор на ниво на ЕУ влијаат на интересите на идните генерации. Како резултат на тоа идните генерации се слепа точка во демократскиот модел на ЕУ, и покрај долгорочната природа на европскиот проект. Сепак, во исто време, постојат семиња на промени. Растечката загриженост за долгорочните опасности ја крева јавната свест за важноста на долгорочното размислување како цивилизациски приоритет – укажува професорот Алемано.

Потребни институционални реформи во ЕУ

Осврнувајќи се на прашањето како да се обнови долгорочното размислување на ЕУ, Алемано изнесува дека ова може да биде вистинското време да се создаде институционална архитектура, што ќе го направи „синдикатот“ за идните генерации реалност во Европа.
– Од клучно значење е да се спроведат потребни институционални реформи, како што се воспоставување посебна канцеларија на ЕУ за идните генерации, подобрување на процените на влијанието и создавање парламентарни меѓугрупи, насочени на долгорочни политики. Во своето долгорочно размислување и донесување одлуки, ЕУ треба да ги вгради интересите на наредните генерации. Во ЕУ би требало да се воспостави нова институција, наменска канцеларија за идните генерации, која ќе дејствува како чувар на идните луѓе. Постојат многу национални примери на институции од кои ЕУ може да учи: во Европа такви примери има во Финска, Унгарија, Малта, Шведска и Велс, кои веќе имаат такви посветени тела. Надвор од Европа има во Канада, Израел и Уругвај. На глобално меѓународно ниво претстои назначување специјален пратеник на Обединетите нации (ОН) за идните генерации. Треба да се именува европски комесар за идните генерации. Тој комесар би работел низ оддели и би дејствувал како главен „предвидувач“ на ЕУ, предводејќи тим од експерти што би ги дале своите ставови за политичките иднински приоритети на комисијата и годишните програми. Ваквиот еврокомесар би можел да помогне и во обновувањето на визијата на ЕУ за иднината на Европа – заклучува Роберто Алемано во својата анализа посветена на иднината на ЕУ и на нејзините наредни генерации.

Потребни се долгорочно размислување и системско обликување политики за иднината

Како што ги нема интересите на идните европски генерации на масата во Брисел, на која се донесуваат одлуките, таму уште помалку ги има интересите на оваа и на следните генерации на Македонци и другите граѓани на Македонија. Во овој момент, од геополитички причини, на Урсула фон дер Лајен и еврокомесарите им се потребни само Украина, Молдавија, Црна Гора и Албанија. И никој друг. „Барањето да се спроведат реформи“ во Македонија е најобично „кревање чадна завеса“ на ЕУ, за да ја скрие својата единствена и главна цел: да издејствува само нова промена на Уставот во полза на официјална Софија и потоа да ја поттурне Македонија не на европската периферија, туку во бездната на непостоењето како држава.
Професорот Роберто Алемано наведува драгоцен совет, кој би можел да се примени и во случајот на Македонија: потребни се долгорочно размислување и системско обликување политики за иднината и следните генерации граѓани. Кажано со речникот на овој врвен експерт, не смее да се размислува само краткорочно за „европскиот пат на Македонија“, туку каде би нѐ одвело како држава и како граѓани сите заедно „чекорењето на тој пат“. Затоа би морало многу подолгорочно да обмислиме какви би биле последиците од прифаќањето на барањата на Бугарија, кои се веќе и барања на ЕУ. И каква Македонија ќе им оставиме на идните поколенија?
– Треба да се „посеат семиња на промени“ и да се „крене јавната свест за идните генерации“ – нагласува д-р Алемано.
Да, потребни се „семиња на промени“ и во македонската државна евроинтегративна политика и максимално крената јавна свест какви намери има ЕУ со нас како држава и како народ и граѓани. Земајќи ги предвид согледувањата на Алемано, се наметнува уште едно важно прашање: зошто да не се основа канцеларија за идните генерации во рамките на Министерството за европски прашања или, уште подобро, како меѓуресорски орган на ниво на самата Влада на Република Македонија, според примерите на Финска, Унгарија, Малта, Шведска и Велс, Канада, Израел и Уругвај, кои веќе имаат вакви тела, но на други нивоа во нивните политички системи.
Таквата канцеларија, интегрирајќи и спроведувајќи во своето функционирање различни аспекти на владините политики, би можела да помогне многу во редефинирањето на визијата на влезот на Македонија во ЕУ од гледна точка на нашите следни поколенија, кои исто така имаат право да живеат во ЕУ, ама во реформирана унија на суверени нации.

Свето Тоевски