Софија бара начин да ги ескивира американските санкции и да го присвои вредниот нафтен бизнис од „Лукоил“
- Бугарија подготвува нов закон што ќе ѝ овозможи на државата да преземе контрола врз стратешки важната рафинерија за нафта „Нефтохим“ во Бургас, во сопственост на рускиот нафтен гигант „Лукоил“. А по евентуалното преземање на контролата врз рафинеријата, властите во Софија планираат да му ја продадат на нов сопственик
Комисијата за енергетика на Народното собрание на Бугарија, вчера на вонредна седница, едногласно и без дебата ги усвои измените и дополнувањата на Законот за административно регулирање на економските активности поврзани со нафта и нафтени производи.
Поднесувачи на измените и дополнувањата на законот се пратениците од ДПС-Нов почеток, Постои таков народ, ГЕРБ-СДФ и БСП-Обединета левица – Станислав Анастасов, Павела Митова, Делјан Добрев и Иван Ибришимов.
Присутните пратеници од споменатата комисијата, на седница на комисијата едногласно ги усвоија измените во законот што ги регулира активностите поврзани со нафтата. Измените ќе овозможат „назначување посебен менаџер за трговија на мало со горива и нафтени производи“, кој ќе управува со целиот бизнис на „Лукоил Бугарија“ (ќе му бидат законски проширени овластувањата), при што ќе води бизнис без никаква консултација или дозвола на сопственикот на „Лукоил“.
Поднесувачите ги оправдаа законските измени со тоа што санкциите што ги воведоа САД врз средствата на руски „Лукоил“ можат да доведат до прекин на работата на рафинеријата „Нефтохим“ во Бургас, поради одбивањето на договорните страни да вршат плаќања на бугарските компании во сопственост на „Лукоил“. Меѓу причините се наведува и дека сегашната ситуација бара „проширување на овластувањата на специјалниот комерцијален менаџер предвидени во сегашниот закон“ и државата мора да донесе значително различни позиции, што аналитичарите го толкуваат како „сосила да направи узурпација или конфискација на приватен имот и добра, како во ’најдобрите‘ денови на болшевизмот“.
Се апелира на брзо усвојување на новиот закон
Заменик-претседателот на пратеничката група на ДПС-Нов почеток, Станислав Анастасов, го презентираше од говорницата на Народното собрание новиот закон, при што предупреди дека законот мора да се усвои што е можно побрзо.
– Дефиницијата што претседателот на САД ја даде на „Гунвор“ е дека компанијата е марионета на Кремљ и никогаш нема да добие лиценца за работа. Што нè става во ситуација да дејствуваме брзо. Имаме 14 дена да ги преземеме конкретните чекори за да може рафинеријата во Бургас да продолжи да работи, односно да добиеме лиценца од Министерството за финансии на САД. Затоа ги предлагаме овие чекори. Сакам да дадам едно јасно појаснување – секој што се обидува да го одложи овој закон со разни трикови, јасно е дека работи на тоа да ја спречи рафинеријата во Бургас да работи – објасни заменик-претседателот на парламентарната група на ДПС-Нов почеток.
„Нефтохим“ во Бургас моментно е единствената рафинерија за нафта во Бугарија, со што е под ризик за затворање, како дел од руски „Лукоил“, поради американските санкции. Рафинеријата во Бургас се смета за витален капитал на прекуокеанската деловна империја на „Лукоил“, кој минатата недела соопшти дека презема чекори за продажба на странски средства поради санкциите. Швајцарската трговска куќа „Гунвор“ вчера соопшти дека ја повлекува својата понуда за купување на меѓународниот имот на „Лукоил“, најголемата приватна нафтена компанија во Русија, откако САД изјавија дека нема да го одобрат договорот.
САД минатиот месец ѝ се придружија на Велика Британија во воведувањето санкции врз двете најголеми руски нафтени компании, „Роснефт“ и „Лукоил“, со цел вршење дополнителен притисок врз Русија поради војната во Украина. Владата во Софија потоа побара објаснување од Вашингтон како може да добие одложување од санкциите, кои е предвидено да стапат во сила на 21 ноември. Со усвојување на законските измени, на посебниот комерцијален менаџер ќе му се даде можност да ги извршува сите операции на рафинеријата и на други локации на „Лукоил“ во Бугарија, така што тие ќе продолжат да работат по 21 ноември. Подносителите на петицијата истакнуваат дека законот го одразува „германскиот модел“, во кој веќе е постигнато ослободување од санкции.
Бугарските власти стравуваат дека санкциите би можеле да го запрат работењето на рафинеријата во Бургас, која снабдува до 80 отсто од вкупното гориво во земјата, што би довело до значителен недостиг на гориво.
– Не можеме да си дозволиме оваа рафинерија да престане да работи. Го користевме германскиот модел, кој е одобрен од ОФАЦ (Канцеларија за контрола на странски средства на Министерството за финансии на САД – н.з.). И додадовме нешто што го добија во нивното соопштение кога извадија лиценца за продолжување на работата во следните шест месеци. А тоа е дека во рок од шест месеци мора да го решат прашањето за сопственост на германската рафинерија за да не биде руска. Ова го предвидовме во законот – откри Анастасов.
Тој апелираше до опозицијата да не се обидува да го одложи законот.
– Доколку се одложи, ова ја става целата рафинерија во Бургас во уште потешка ситуација. Овој закон мора да се гласа и да се објави во државниот весник што е можно поскоро – заклучи Анастасов.
Се смета дека евентуална кризна ситуација со престанување на работата на рафинеријата во Бургас би можела да резултира и со пад на актуелната влада и да ја зајакне поддршката за претседателот Румен Радев, кој изјави дека рафинеријата во Бургас мора да има сигурен сопственик што има капацитет да ја развива.
– Државната интервенција во нејзиното управување е последно средство, итна опција – нагласи Радев пред новинарите. Р.С.
Последна вест од Бугарија: Пратениците со огромно мнозинство гласаа за Законот за административно регулирање на економските активности поврзани со нафта и нафтени производи
Бугарски управител ќе преземе целосна контрола врз „Лукоил“,
а акционерите и сопствениците ќе ги изгубат своите овластувања!?
- Првото читање беше усвоено и веднаш се продолжи со второто читање на измените на Законот за административно регулирање на економските активности поврзани со нафта и нафтени производи
Народното собрание ги усвои измените на Законот за административно регулирање на економските активности поврзани со нафта и нафтени производи на прво читање. Текстовите му даваат вонредни овластувања на идниот бугарски специјален менаџер во „Лукоил“. Комисијата за енергетика денес заседава околу 30 секунди за извештајот, објави репортер на БГНЕС. Измените беа одобрени со гласови на 130 пратеници од ГЕРБ-СДФ, ДПС-Нов почеток, БСП, ИТН, еден од АПС и четири од независни пратеници. ПП-ДБ, Вазраждане, АПС и МЕХ гласаа „против“. Величие не учествуваше. Двајца пратеници на ПП-ДБ беа воздржани. Веднаш по усвојувањето на првото читање на измените на законот, Станислав Анастасов од ДПС-Нов почеток, кој е еден од предлагачите на законот, побара итно второ читање на измените во пленарната сала. Пратениците продолжија со второто читање на измените на законот. Новите текстови предвидуваат дека по неговото назначување, управителот ќе преземе целосна контрола врз компанијата, при што акционерите и сопствениците ќе ги изгубат своите овластувања. Тој ќе може да располага или да отуѓува имот на компанијата, што излегува од опсегот на вообичаената комерцијална активност, но само по претходно одобрение од Советот на министри. Трансакциите склучени со кршење на ова правило ќе се сметаат за ништовни. Р.С.

































