Изблиците на граѓански и политички ставови против еврото во Бугарија не стивнуваат
- Европските лидери сакаат да ги отстранат расположенијата против еврото во Бугарија, два месеца пред земјата да се приклучи на единствената валута на ЕУ
Еврото е повеќе од само валута: тоа е геополитичка полиса за осигурување во фрагментиран свет, гласи пораката што највисоките економски лидери на Европската Унија ја испратија до скептичната бугарска јавност неделава.
Бугарија треба да го усвои еврото на 1 јануари 2026 година, но само околу половина од населението го поддржува приклучувањето кон единствената валута на ЕУ. Стравовите од инфлација и централизација на моќта во Брисел и Франкфурт, засилени од различните и зачестени евроскептични кампањи, дополнително убедија многумина против европскиот проект.
Двоецот од ЕУ во мисија за стивнување на бугарските грижи
Во обид да ги ублажат овие грижи, комесарот за економија Валдис Домбровскис и претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, ги нагласија геополитичките придобивки од приклучувањето кон еврото.
– Бугарија се приклучува кон еврото во момент кога има поголема нестабилност, во време кога имаме повеќе шокови, еден по друг, сложени, и во време кога глобалниот поредок, каков што го знаеме, е пофрагментиран, а пријатели веројатно има сѐ помалку – рече Лагард, додавајќи дека е „важно да се зближат редовите и да се биде заедно“.
Таа истакна и дека за време на финансиската криза, единствената валута се покажа како одбранбен штит против шокови и девалвација. Домбровскис, пак, рече дека, само по себе, усвојувањето на еврото може да ѝ помогне на Бугарија да ги компензира растечките геополитички ризици во очите на инвеститорите.
– Во балтичките земји, и покрај тоа што се геополитички изложени, трошоците за задолжување беа пониски отколку во Полска, и во голема мера инвеститорите проценија дека еврото е стабилизирачки фактор – наведе еврокомесарот.
Доближувањето до датумот на усвојување ги засилува теориите на заговор
Пристапувањето на Бугарија кон еврото е планирано повеќе од една деценија, но како што се приближува датумот, тоа предизвика теории на заговор и популистичка политика, заедно со оправдани загрижености за промената на валутата.
Истражувачки извештаи идентификуваа кампањи на социјалните медиуми финансирани од странство за да се поткопа поддршката за еврото во Бугарија. Минатиот април, крајно десничарската партија Преродба, која организираше низа протести против еврото во текот на изминатата година, потпиша договор со партијата Русија обединета на рускиот претседател Владимир Путин.
Процентот на Бугари што го поддржуваат еврото малку се зголеми во последните неколку месеци, достигнувајќи 51 отсто според анкета што ја цитираше министерката за финансии Теменушка Петкова, во споредба со 45-те проценти претходно во текот на годината.
Шефот на Европскиот механизам за стабилност, Пјер Грамења, ги истакна ризиците што доаѓаат од новиот пристап на Вашингтон кон монетарната политика и криптовалутите.
– Администрацијата на САД ја менува својата позиција по толку многу теми, вклучително и финансиите и валутата, што тоа што е дел од голем блок е огромна предност. Ризикот што го носат дигиталните валути може подобро да се надмине ако сме во еврозоната – заклучува Грамења. Е.Р.

































