Српските медиуми денеска пренесуваат изјава на портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, која вели дека – кога ги слуша интервјуата на српскиот претседател Александар Вучиќ, не е сигурна дали станува збор за едно или за повеќе лица, бидејќи некои од неговите изјави се слушаат во Москва, а други во интервјуа од други географски точки.
– Кога ги читам сите овие интервјуа на претседателот на Србија, се прашувам дали навистина постои еден претседател Вучиќ. Бидејќи се добива впечаток дека овие интервјуа ги даваат различни луѓе. Едно интервју, една изјава слушаме кога е во Москва, а други изјави слушаме кога дава интервјуа од други географски точки. А, сега зборувам само за јавната сфера. Не знам, можеби медиумите нешто искривиле, но тогаш треба да има некакво појаснување од надлежната прес-служба, прес-службата на претседателот на Србија, која требаше да разјасни дали се е правилно цитирано во ова интервју – изјави таа на прашањето на РТ Балкан да ја коментира неодамнешната изјава на српскиот претседател дека купувачите на муниција произведена во Србија можат да прават што сакаат со неа.
Захарова рече дека Москва постојано добивала гаранции од српското раководство, меѓу другото, на највисоко ниво, дека извозот на муниција произведена во Србија е под строга контрола и дека тие производи „нема да бидат испорачани во Украина“, за да Киев не ги користи против руски војници.
– Само ќе ве потсетам кои се овие војници. Тие се војници кои припаѓаат на вооружените сили кои постојано им доаѓаат на помош на пријателскиот српски народ, и историски и во современиот период – рече Марија Захарова.
Министерство за надворешни работи на Србија: Изненадени сме од коментарите на Захарова за Србија и Вучиќ
Државната секретарка во Министерството за надворешни работи на Србија, Невена Јовановиќ, изјави дека министерството е „изненадено од најновите коментари на Марија Захарова, портпаролка на руското Министерство за надворешни работи, за Србија и нејзиниот претседател Александар Вучиќ“, објави РТС.
Таа на „Х“ истакна дека Србија е суверена и независна држава која ги донесува своите одлуки исклучиво во согласност со своите национални интереси.
– Очекуваме претставниците на пријателските држави, како и официјалните портпароли на нивните институции, да го почитуваат овој факт. Ве потсетуваме дека токму благодарение на Вучиќ, Србија е единствената земја во Европа, надвор од Заедницата на независни држави, која не воведе санкции врз Руската Федерација. Оваа одлука не беше ниту лесна ниту едноставна, туку беше донесена од убедувањето дека историските пријателства не се напуштаат под притисок – напиша таа.
Јовановиќ нагласува дека Србија одржува отворени линии на соработка со Русија, вклучително и редовни директни летови до неколку руски градови, како израз на нејзината конзистентна и независна политика, и покрај „исклучително сложениот меѓународен контекст“.
– Србија не испорачува оружје и воена опрема на страните во конфликтот никаде во светот и строго и доследно се придржува до меѓународните прописи и правила на Обединетите нации. Не треба да се заборави дека токму по препорака на претседателот Вучиќ, процедурите за издавање дозволи за извоз на оружје беа подигнати на ниво на донесување одлуки на Советот за национална безбедност, со цел да се обезбеди дека ниту еден куршум произведен во Србија нема заврши во областите погодени од конфликти – напиша таа.
Се наведува дека Србија останува доследна на своите принципи и обврски.
– Вреди да се потсетиме дека нашата земја не отвори ниту едно поглавје во процесот на пристапување кон Европската Унија од декември 2021 година, иако можеше. Интересно е, секако не случајно, што овој датум се совпаѓа со почетокот на војната во Украина. Не е прв пат Захарова да користи реторика што не го одразува духот на односот што постои меѓу нашите држави и народи. Србија не користи навреди, ниту ги прифаќа како стил на комуникација меѓу пријатели – се заклучува во објавата.


































