Викендов во Македонија на културно-уметничка турнеја гостува мандолинскиот квартет на Македонското културно друштво „Стоби“ од Сплит, Хрватска, во рамки на програмата „Фестивал на литература и музика СМОШ 2025“. Според најавата квартетот утре ќе настапи во градскиот музеј на градот Тетово, а во недела, по прием во Амбасадата на Република Хрватска во Скопје, ќе се претстават во Музејот на Македонската борба за независност со почеток во 18:00 часот. Мандолинскиот квартет „Стоби“ во својот репертоар има македонска и хрватска музика. Во исто време, ќе се одржи промоција на две збирки песни од Македонци од Сплит, објавени од МКУ „Стоби“ на хрватски и македонски јазик.

-Проектот има за цел да реализира мултикултурно образование и демократски развој преку уметност, поврзувајќи двата пријателски народа и државите Република Хрватска и Република Македонија. Проектот е реализиран со средства од: Министерството за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Советот за национални малцинства на Република Хрватска, Сплитско-далматинската жупанија, Градот Сплит, Агенцијата за иселеништво на Република Македонија и „Нова Македонија“ – вели Ангел Митревски, претседателот на МКД „Стоби“, кој воедно е и водач на групата на оваа турнеја.

Во својата кратка досегашна работа, МКД „Стоби“ – Сплит, креативно осмисли и реализираше неколку настани како што се литературни и уметнички средби, фолклорни претстави и други музички настани како дел од својата програма на активности.
Во согласност со нивната годишна програма „Фестивал на литература и музика СМОШ 2025“ за 2025 година, по концертот одржан во Градскиот музеј на Трогир, по повод Денот на градот Трогир, Македонското културно друштво „Стоби“, ја продолжува својата активност со турнеја низ Република Македонија.

– Треба да се истакне дека мандолинскиот квартет во променлив состав работи од 2013 година, а се вклучи во работата на МКД „Стоби“ од 2018 година под името „Клинци мандолинци“. Веднаш по воспоставувањето и усвојувањето на Планот за работа и програмата на МКД „Стоби“, беа организирани и неколку работилници и изложби за најмладите членови на македонското национално малцинство, како и за другите членови на здружението, кои се доста бројни. Професионалното водство и вежбите на мандолинскиот оркестар ги презеде проф. Ивана Кенк-Калебиќ, додека целата логистичка и финансиска структура ја презеде претседателот на Здружението – додава Митревски.

Помалку од неколку месеци по нивното основање, „Клинци-мандолинци“ имаа значаен настап на „IX Изложба на културната креативност на националните малцинства на градот Сплит“, одржана по повод Денот на човековите права, 10.12.2018 година. Успешниот настап по истиот повод оркестарот го повтори и наредната година. Две години по ред, тие настапуваа и на Денот на градот Трогир – 14 Ноември, во 2018 и 2019 година во соработка со Туристичката заедница на Трогир. Под покровителство на Сплитско-далматинската жупанија, градот Сплит, Туристичката заедница на градот Сплит и најстариот македонски дневен весник од Скопско „Нова Македонија“, а заедно со Хрватско-македонското друштво „Либертас“ од Штип, Р. Македонија и Заедницата на Хрватите во Р. Македонија од Скопје, со деца кои го изучуваат хрватскиот јазик во Скопје, повторно беше организиран „Фестивалот на литературата и музиката – СМОШ 2019“. И двата дена од фестивалот беа добро прифатени од медиумите во Република Хрватска и Република Македонија.
Веднаш по завршувањето на епидемијата од коронавирус, МКУ „Стоби“ продолжи со своите стандардни активности. Квартетот „Клинци-мандолинци“ прерасна во мандолински квартет-квинтет „Стоби“ и во следните неколку години имаше значајни настапи во Шлит, Трогир, Пула и Макарска, а пред две години ја реализираше својата последна турнеја низ Македонија (Охрид, Штип, Скопје). Секоја година се организираат „Деновите на МК култура во Далмација“ со бројни предавања, промоција на книги од македонски автори, како и „Деновите на македонски документарен филм“ во Кинотеката Златна Врата во Сплит.
Во последните две години, благодарение на финансирањето од Советот за национални малцинства на Република Хрватска, МКУ „Стоби“ објави две книги со песни од своите членови: минатата година книгата „Блесокот на една светлина“ од неговиот истакнат член Дарко Соколов, а оваа година книгата со песни „Тивкиот светилник“ од авторката Наташа Боцевска, една од основачите на МКУ „Стоби“.