Фото: Орце Ѓорѓиевски/Фејсбук

Новоизбраниот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска и официјално ја презема градоначалничката функција, откако го доби уверението од Државната изборна комисија.

– Официјално, од денес Скопје испишува нова страница во својата историја. Денешното уверение е симбол на довербата што ми ја дадоа граѓаните на Скопје. Но, истовремено е и голема обврска да работам одговорно, посветено и силно, со јасна визија, конкретни резултати и многу дела. Благодарен сум за секоја поддршка, за секој скопјанец што препозна искреност, посветеност и дела зад зборовите. Ќе бидам градоначалник на сите, без разлика на верска, национална, партиска или било каква припадност – напиша Ѓорѓиевски на социјалните мрежи.

Тој истакна дека за него поделби нема да постојат и дека ќе работи на обезбедување на подобра иднина и достоинствен живот за сите.

– И тука нема да се штедам. Го имате мојот збор! Скопје, почитувани, го менуваме од корен! Уште од вечерва, во 20:30 часот, започнуваме со првата голема акција, а тоа е за 72 часа да го исчистиме Скопје, токму како што ветив – напиша тој.

Најави дека од утре започнува со темелна реорганизација на јавните претпријатија и нормализирање на состојбите во нив.

Скопје ќе добие и нови проекти а дел од нив ги започнуваме во наредните денови – инвестиции во инфраструктурата, образованието, спортот, животната средината, но ја враќаме и транспарентноста – Скопје конечно ќе биде отворен град – напиша тој.