Нов Зеланд планира до 2050 година да ги намали емисиите на биоген метан, кој се создава во процесите на варење на преживарите како овците и говедата, за 24 проценти во однос на нивото од 2017 година, објави министерот за земјоделство. Огласот следуваше откако владата во април го одби планот за наплата на емисии на стакленички гасови во земјоделството, попуштајќи под притисокот на фармерите, кои истакнаа дека таква мерка би го направила нивното работење неисплатливо.
– Новата климатски цел, која владата сè уште треба да ја одобри, ќе вклучува намалување на емисиите на биоген метан до 2050 година за 14 до 24 проценти во однос на нивото од 2017 година. Прифативме низа совети и блиско соработувавме со претставници од секторот за да се согласиме околу практична цел, која би го заштитила производството на храна, а истовремено значително да се намалат емисиите на стакленички гасови од фармите во Нов Зеланд. Сега претставуваме практичен и праведен пат, кој ја зема предвид ефикасноста на новозеландското земјоделство, ги штити работните места и производството и е усогласен со климатските обврски што сме ги презеле – изјави министерот за земјоделство Тод Меклеј.
Целта ќе биде ревидирана во 2040 година, кога ќе се провери дали сѐ уште е во согласност со научните факти и со напредокот на клучните трговски партнери на ова поле. Претходната влада воведе план според кој земјоделците од крајот на 2025 година ќе мора да плаќаат за емисиите на стакленички гасови што ги создаваат. Тоа беше првиот таков план во светот.
Во Нов Зеланд на пет милиони луѓе има 10 милиони говеда и 26 милиони овци. Речиси половина од емисиите на стакленички гасови во оваа земја доаѓаат од земјоделскиот сектор, а главно станува збор за испуштање метан.

































