Комисијата за доделување на наградата „Ладислав Баришиќ“ на здружението на ликовни критичари „АИКА Македонија“, во состав Елена Велјановска, Горанчо Ѓорѓиевски и Зоран Петровски, по разгледувањето на поднесените предлози донесе едногласна одлука наградата да ѝ ја додели на д-р Иванка Апостолова Баскар за истражувачкиот проект „Вознемирен критичар – вознемирувачка критика – немирна ликовност“.
Во донесувањето на одлуката, комисијата констатираше дека по 10 години од востановувањето на оваа награда, предлогот на д-р Иванка Апостолова Баскар всушност е прв предлог за труд што поаѓа од историјата на критиката во Македонија, видена низ призма на значењето на критичката активност на Ладислав Баришиќ во чија чест е насловена годишната награда на „АИКА Македонија“. Врз таа основа, Иванка во својот предлог најавува анализа на изборите и ставовите во критичките текстови на Баришиќ, поставувајќи притоа и редица отворени прашања, кои се релевантни за критиката и нејзините релации со уметноста денес.
Видеоесејот со кој Иванка планира да ни го претстави во завршна форма својот труд, како што се вели во образложението на предлогот, вклучува и компаративен метод за значењето на критиката низ живи сведоштва со „серија стручни интервјуа со историчари на уметноста, критичари, ликовни кустоси и куратори, живи уметници – практичари за чии опуси критички премислувал и дејствувал Баришиќ“. Поаѓајќи од таа динамично сфатена историска перспектива, предлогот на Апостолова Баскар е замислен да се развие во инвентивен и провокативен „истражувачки ликовен есеј проследен со наменски контекстуални теренски фотографии, адаптирано сценарио и финален видеоесеј – како визуелен апендикс на истражувачкиот, креативниот и трансформативниот процес, кој води до финалниот видеорезултат“.
Во дел од коментарите на членовите на комисијата беше истакнато дека „истражувањето ќе биде интересно и за помладите генерации, а ќе го постави и прашањето зошто наградата го носи ова име воопшто, но и за нејзиното значење и дека тоа може да биде убав историски документ“. Исто така, еден од коментарите забележува дека „Иванка поставува редица прашања, но веројатно и ги има одговорите и без оглед на тоа како таа ќе го сработи своето најавено истражување, таа тематски досега е најблиску до целите на оваа награда. Прашувајќи се притоа ‘Дали стручната критика е застарена форма и експресија?’ предлогот на Иванка нуди теми за занимлива натамошна дискусија“.
Имајќи ги предвид овие добро поставени и елаборирани концептуални и методолошки пристапи во предлогот на Иванка Апостолова Баскар, комисијата сметаше дека треба да ѝ ја даде довербата во реализацијата на нејзината замисла, надевајќи се дека успешно ќе ги оствари своите амбициозно поставени цели и уште повеќе да ги разбуди полемичкиот дух и потребата за конструктивен и плоден дијалог меѓу членовите на здружението, но и да го сврти вниманието на пошироката уметничка и друга стручна заедница и заинтересирана публика кон прашања што ветуваат поголема присутност на уметноста и улогата на критиката во културните и општествени процеси.