Европските извештаи и обраќања во врска со политичките процеси во Македонија создаваат впечаток на организиран пресинг на европски институции врз официјално Скопје за уставни измени
- Со сугерирањето неопходност за уставни измени и за почитување на европските директиви (извештај на ЕК), како и со нагласените тврдења за наводни недостатоци во спроведувањето на локалните избори, целосно спротивни на заклучоците на Државната изборна комисија (извештај на ОДИХР), се добива впечаток за синхронизирано операционализирање на намерата на европските институции, но се препознаваат и облици на пресинг врз македонската јавност. Извештаите и изјавите со нивните оцени пројавуваат пристрасност и во одредена форма и дрско мешање во внатрешните работи на Македонија, со обид да се девалвира успешноста на избирачкиот процес и на демократските суверени вредности за кои се залагаат македонската политика и јавноста
Два последователни меѓународни извештаи за Македонија од Европската комисија за напредокот во евроинтеграциите и од набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР за вториот круг од локалните избори, како и говорот на претседателот на парламентарното собрание на Советот на Европа, Теородос Русопулос, во македонското собрание, оддаваат заеднички впечаток дека сите три релевантни европски институции истовремено одново активираат инструментариум на своевиден притисок врз Македонија по неколку основи.
Со укажувањето на потребата за усвојување уставни измени и за почитување на европските директиви, како и со тврдењата за наводни недостатоци во спроведувањето на локалните избори, целосно спротивни на заклучоците на Државната изборна комисија, очигледна е намерата за здружен притисок врз македонската јавност.
Извештаите и изјавите со нивните оцени пројавуваат пристрасност и отворено, не суптилно, туку повеќе дрско мешање во внатрешните работи на Македонија, со обид да се девалвира успешноста на избирачкиот процес и на демократските, суверени вредности за кои се залагаат македонската политика и јавноста.
Во извештаите нагласено се инсистира на недостатоци
Локалните избори беа засенети од правни недостатоци, ограничени институционални капацитети и висока политичка поларизација, соопштија меѓународните набљудувачи во својата изјава за прелиминарните наоди и заклучоци по одржувањето на вториот круг на локалните избори. Според заедничката набљудувачка мисија на Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОДИХР), Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа и Европскиот парламент, „изборите се одвивале во атмосфера на разочараност од политиката и широко распространети перцепции за корупција“. Шефот на Мисијата за набљудување на изборите на ОДИХР, Матео Мекачи, посочи дека „биле забележани случаи на злоупотреба на јавни ресурси, притисоци врз вработени во јавниот сектор, заплашување гласачи и купување гласови“, врз основа на забелешките на меѓународната мисија, која беше составена од 275 набљудувачи од 40 земји, меѓу кои 253 експерти на ОБСЕ/ОДИХР, 15 члена од Конгресот на Советот на Европа и седум европратеници.
Сосема се поинакви фактите и аргументите за реалната состојба во врска со македонските локални избори
Сосема се поинакви фактите и аргументите за реалната состојба во врска со македонските локални избори, кои ги изнесоа домашните институции. Претседателот на Државната изборна комисија, Борис Кондарко, на прес-конференција по затворањето на избирачките места во неделата рече дека изборите во вториот круг минале без никакви проблеми и тешкотии. Локалните избори и во првиот и во вториот изборен круг се одржаа во мирна, фер и демократска атмосфера на територијата на целата држава, со непречено и безбедно спроведување на изборниот процес и без посериозни нарушувања на јавниот ред и мир. Потпирајќи се врз многубројните извештаи од теренот, изјави на граѓани, не само на надлежните државни органи, а пред сѐ, врз конечниот исход од гласањата, констатираме дека годинашниве локални избори во Република Македонија веќе добиваат белег на значителен политички настан во поновата историја на оваа држава, затоа што на нив победи филозофијата на соживотот. Овие избори влеваат силни импулси во правец на меѓуетничката и политичката стабилизација и консолидација на Република Македонија.
Македонските локални избори ги поразија сите намери за предизвикување меѓуетничка нетрпеливост, меѓуетнички инциденти, сите планирани сценарија за внатрешно дестабилизирање на државата, за „избоксување“ предвремени парламентарни избори. Избирачите од различни етникуми во вториот круг со своето изјаснување на избирачките места порачаа дека ја разбираат Македонија како заеднички дом за сите, во кој сите ќе можат да живеат и да се развиваат во мир, разбирање и заедничко живеење и помагање. Збирно кажано, изборот на новите градоначалници и совети на општини ја легитимираше Македонија како стабилна држава, која е способна да одржи демократски и мирни избори, која како таква и силно зрачи во Европа и светот.
Од кои причини оваа набљудувачка мисија ја прекршува својата независност во извлекувањето на оцените, која би морала да ја има, а ја нема? Зошто таа мисија, како и Европската комисија и Европскиот совет со своите извештаи, очигледно пројавува пристрасност во своите оцени и дури ѝ се меша во внатрешните работи на суверена Република Македонија, де факто, обидувајќи се да ја девалвира успешноста на избирачкиот процес?! Дали таа и нејзините политички ментори од Брисел можеби сметаат дека Македонија е држава во која можат надворешно да се мешаат како што ќе посакаат, во конкретниов случај, оборајќи ја кредибилноста на реформите во Македонија?
Свето Тоевски
Средба во Брисел, Мицкоски-Кошта
Претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски, вчера во Брисел имаше средба со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. Средбата била во духот на заемно пријателство и поддршка за приближување на Македонија кон Европската Унија.
– Господинот Кошта е голем пријател на Македонија и во таков дух помина денешната средба. Повторно разговаравме за актуелните теми, нормално – приближувањето на нашата земја кон Европската Унија и конечно формално отпочнување на преговорите – изјави Мицкоски.
Македонскиот премиер издвои дека македонската страна ги повторила своите „единствени и достоинствени позиции, кои се резултат на сите понижувања што државата ги доживеала во изминатите 25 години од почетокот на европскиот пат“.
На средбата, покрај евроинтеграциите, било разговарано и за повеќе инфраструктурни и економски теми: гасниот интерконектор со Србија, крак од гасоводот кон Косово, тарифите за извоз на челик и челични производи, како и за заедничкиот проект со Европската комисија за развој на Кочани и Кочанскиот Регион.
– Имавме исклучително успешна и продуктивна средба. Продолжуваме и понатаму со нашите активности овде во Брисел. Имаме настан со „Еуроњуз“ и вечера со комесарката Марта Кос. Сигурен сум во позитивни вести – додаде премиерот Мицкоски. П.Р.


































