Нови успеси: Гавриловски (лево) и Милошески
  • Милошески освои петта пофалба во групата повеќе потези

Македонскиот велемајстор (ВМ) за шаховски композиции Зоран Гавриловски повторно беше успешен (по златото, сребрата и бронзите на претходните светски купови), на неодамнешниот Светски куп (СК), турнир организиран од Светската шаховска федерација (ФИДЕ) и од Светската федерација за шаховски композиции, за составување оригинални шаховски композиции (ШК) во девет групи на слободни теми. Тој освои бронзен медал во групата матови во четири и повеќе потези. Во таа група на 13. место (петта пофалба) беше рангиран матот во 19 потези на искусниот македонски ФИДЕ-мајстор (ФМ) Бошко Милошески. Гавриловски на овој најсилен светски натпревар годинава (на кој шаховските проблеми и студиите се испраќаа по е-пошта) беше трет (со освоено прво почесно признание) во групата матови во три потези и 12-ти (седмо почесно признание) во групата помошни матови. Г.И.