АТЛЕТИКА
Маратонскиот великан Елиуд Кипчоге претстави амбициозен нов проект, „Светска турнеја на Елиуд Кипчоге“, во која ќе се натпреварува на седум маратони на седум континенти во текот на следните две години, пишува Светската атлетика (СА). Иницијативата означува ново поглавје во богатата кариера на двократниот олимписки шампион, комбинирајќи елитни трки со мисија да „го обедини светот преку трчање“. Секоја станица од турнејата ќе собира и средства за фондацијата „Елиуд Кипчоге“, која поддржува образовни и еколошки проекти низ целиот свет.
– Трчањето е најуниверзалниот спорт, нѐ поврзува сите. Со овој проект, сакам да се натпреварувам не само за рекорди туку и за луѓето. Се надевам дека ќе инспирирам, ќе возвратам и ќе ги потсетам сите дека ниеден човек не е ограничен – рече поранешниот светски рекордер, кој минатиот викенд го имаше своето деби на маратонот во Њујорк, пласирајќи се на 17-то место – пишува СА.
Фондацијата „Елиуд Кипчоге“, основана во 2020 година, се фокусира на обезбедување пристап до образование и промовирање на одржливоста на животната средина. Локалните проекти во секоја земја домаќин ќе имаат корист од настаните, поддржувајќи иницијативи како што се училишни библиотеки, програми за учење и реставрација на животната средина.
Турнејата е првиот голем потфат во рамките на „Светот на трчање на Елиуд“, долгорочна платформа преку која Кипчоге планира да инспирира учество во трчањето и да ја издигне свеста за глобалните каузи.
Првата дестинација на „Светската турнеја на Елиуд Кипчоге“ ќе биде објавена наскоро, пишува СА. Н.М.

































