Во Пекинг одржан форумот за подобрување на глобалното управување „Лантинг“
- На форумот учествуваа високи претставници и познати експерти и научници од Кина и од странство, како и членови на дипломатскиот кор и претставници на меѓународни организации во Кина, кои разменија длабоки мислења за различните димензии на Иницијативата за глобално управување и практичните патеки кон неа
Форумот за подобрување на глобалното управување во изградба на заедница со споделена иднина за човештвото „Лантинг“, кој се одржа во Министерството за надворешни работи во Пекинг, Кина, го отвори членот на Политбирото на Централниот комитет на Комунистичката партија на Кина и министер за надворешни работи, Ванг Ји, кој се обрати на церемонијата на отворањето. На форумот учествуваа високи претставници и познати експерти и научници од Кина и од странство, како и членови на дипломатскиот кор и претставници на меѓународни организации во Кина, кои разменија длабоки мислења за различните димензии на Иницијативата за глобално управување и практичните патеки кон неа.
– Кина е подготвена да соработува со меѓународната заедница во целосното спроведување на Иницијативата за глобално управување, да учествува во изградбата на поправеден и разумен систем на глобално управување и во создавањето посветла иднина за човештвото – изјави министерот за надворешни работи Ванг Ји.
На форумот се разговараше за тоа како да се подобри глобалното управување и да се прошират солидарноста и соработката.
– Пред неколку дена го прославивме Денот на Обединетите нации. Во изминатите 80 години, меѓународниот систем со ОН во своето срце стои како темел на светскиот мир и развој, а идејата за мултилатерализам длабоко е вкоренета во срцата на луѓето. Сепак, 80 години подоцна, денес, остатоците од унилатерализмот повторно предизвикуваат немири и глобалните предизвици се јавуваат еден по еден. Како да се реформира и да се подобри глобалното управување за да биде поактуелно во претстојниот повеќеполарен свет? Тоа е прашање со значајни последици што ги окупира умовите насекаде – рече Ји.
Иницијативата за глобално управување има поддршка од повеќе од 140 земји и меѓународни организации, кои веруваат дека тоа е навремен повик за солидарност во светот што е загрозен од фрагментација.
– Светот денес сведочи повеќе од 50 тековни конфликти од различни видови, со над 100 милиони раселени лица. Таквиот свет, обележан со трансформации и превирања, повеќе од кога било има потреба од подобро глобално управување. Слепото обожување на моќта, политиката на силата и малтретирањето само ќе го турнат светот назад кон законот на џунглата и сериозно ќе ја разнишаат основата на меѓународниот систем и правила – рече министерот во поздравниот говор.
На форумот „Лантинг“ се обратија и Ву Хаилонг, претседател на Асоцијацијата за јавна дипломатија на Кина, Омар Разаз, поранешен премиер на Јордан, Јин Ликун, претседател на бордот на директори на Инфраструктурната инвестициска банка на Азија, Ерик Солхејм, поранешен министер за животна средина и развој на Норвешка, Ирина Бокова, поранешна генерална директорка на УНЕСКО, Чен Бо, претседател на Кинескиот институт за интернационални студии, Греам Алисон, професор на Универзитетот „Харвард“, и Лин Јифу, почесен член на Пекиншкиот универзитет.
Ву Хаилонг, претседателот на Асоцијацијата за јавна дипломатија на Кина, рече дека светот денес се соочува со многу предизвици и затоа земјите мора да дадат заеднички придонес во одржувањето на мирот и стабилноста, но потенцираше и дека меѓународната трговија е клучна за економскиот развој на земјите.
– Кина соработува со три четвртини од земјите во светот, особено со земјите во развој, меѓу кои се африканските – рече Хаилонг и подвлече дека развиените земји треба да им помогнат на оние помалку развиените и дека тоа е еден од условите за посветла иднина на човештвото.
Според Омар Разаз, поранешниот премиер на Јордан, не треба да го вперуваме прстот во оној што денес е виновен за војните во светот туку дека треба да изнајдеме решение за таквите предизвици и да не дозволиме да владее законот на џунглата.
– За да го постигнеме тоа, многу е важна иницијативата за глобално управување и зајакнување на улогата на Обединетите нации – рече Разаз.
Според учесниците на форумот, Иницијативата за глобално управување ќе ги зајакне довербата и решителноста на меѓународната заедница да практикува мултилатерализам и да ги подобри мултилатералните механизми, а најпосакуваната визија е иднина на праведност. Нејзината цел е системот на глобално управување да биде поправеден и порамноправен и да ги обедини сите кон заедница со идна заедничка иднина за човештвото и повикува на поголема застапеност и глас за земјите во развој и ги отфрла заканите кон малите и слабите. Таа повикува на еднаква и униформна примена на меѓународното право и правила и се спротивставува на наметнување сопствени правила.
Беше истакнато и дека треба заеднички да ги поддржуваме авторитетот и статусот на ОН за да се зацврсти темелот на глобалното управување, дека оваа организација отсекогаш била важна основа за човековиот напредок и дека неуспехот во почитувањето на целите и принципите на Повелбата на ОН доведе до мноштвото проблеми со кои се соочуваме денес.
Форумот „Лантинг“ е платформа за комуникација и размена помеѓу владата, бизнис-заедницата, академската заедница, медиумите и јавноста. Целите се создавање нов канал за олеснување на дискусиите за надворешната политика и прашањата од заемен интерес од сите релевантни страни. Форумот е именуван по Сината сала (Лантинг) на министерството.
Весна Дамчевска, наша известувачка од Пекинг


































