- Клубовите здружени членки на Џудо-федерацијата на Македонија овој ден годинава го одбележуваат на клупско ниво преку различни настани, организирани од нивна страна, како на пример презентација на џудо-техники пред родителите и други гости и поддржувачи на џудо-спортот, преку објави и изјави за значењето на овој ден, основачот и воопшто џудото како спорт, принципите за кои се залага оваа боречка вештина и на други начини, вели спортскиот директор на ЏФМ, Дејан Мицкоски
Глобалната џудо-заедница и годинава на 28 октомври го прослави Светскиот ден на џудото, под мотото што е длабоко потребно во денешниот свет, а тоа се пред сѐ мир, единство и пријателство. Во време кога мирот е сѐ поскапоцен, пораката на годинешнава прослава нѐ потсетува на моќта на спортот да ги зближува луѓето надвор од границите, културите и верувањата, пишува Европската џудо-унија (ЕЏУ). Годинашниот светски ден на џудото се одржа под мотото „Џудото е мир единство и пријателство“.
– Џудото учи на разбирање, почит и хармонија, вредности што ја формираат основата за мирен соживот. Низ целиот свет, доџоата, училиштата и заедниците се охрабруваат да учествуваат преку организирање настани, работилници и собири што ги промовираат овие вредности и ги зајакнуваат врските меѓу луѓето од сите возрасти и потекла. Европската џудо-унија (ЕЏУ) продолжува да ја нагласува виталната улога на мирот во рамките на џудо-семејството. Преку иницијативи како што е кампањата „Бела карта“, во партнерство со „Мир и спорт“, ЕЏУ охрабрува гестови на вклучување, еднаквост и солидарност. Џудото е повеќе од спорт, тоа е начин на живот изграден врз почит, дисциплина и меѓусебно разбирање. Без разлика дали на или надвор од татамито, овие вредности ги водат џудистите да дејствуваат со интегритет и сочувство, придонесувајќи за помирен свет. На овој светски ден на џудото го славиме духот на џудото и продолжуваме да стоиме заедно за мир, единство и пријателство. Клубовите здружени членки на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ) овој ден годинава го одбележуваат на клупско ниво преку различни настани, организирани од нивна страна, како на пример презентација на џудо-техники пред родителите и другите гости и поддржувачи на џудо-спортот, преку објави и изјави за значењето на овој ден, основачот и воопшто џудото како спорт, принципите за кои се залага оваа боречка вештина и на други начини – вели спортскиот директор на ЏФМ, Дејан Мицкоски.
Светскиот ден на џудото се слави секоја година на 28 октомври во чест на Џигоро Кано, основачот на џудото, кој е роден на овој датум во 1860 година. Основан е од Интернационалната џудо-унија (ИЏУ) за да ги промовира основните вредности на џудото, како што се почит, храброст, меѓусебна помош и самоконтрола.
– На овој Светски ден на џудото, би сакал да го потврдам нашето заедничко верување дека џудото може да биде вистински мост, простор за поврзување, емпатија, дијалог и единство во различноста, носејќи мир кога е најпотребен. Со длабока тага го гледаме нашиот свет соочен со војни, конфликти, социјални немири и еколошки кризи што носат тешкотии и нестабилност. Сепак, среде овие предизвици, го слушаме повикот за мир. Со години џудото за мир е активно во воени зони и постконфликтни региони, покажувајќи дека почитта и пријателството можат да ги надминат стравот и омразата. Џудото нѐ учи да паѓаме и повторно да се креваме, да се соочуваме со предизвиците со храброст и да ги почитуваме нашите противници. Со прифаќањето на неговите вредности, сите стануваме амбасадори на мирот и хармонијата, во рамките на општеството и со самата природа. Овој ден е, исто така, покана за размислување и акција, да ги отвориме нашите умови и срца, да ги споделиме нашите доџоа, да ги поддржиме вашите заедници и да покажеме дека мирот е можен преку нашиот спорт. Заедно, преку џудото, можеме да помогнеме во изградбата на помирен свет. Ви посакувам на сите значаен и инспиративен Светски ден на џудото 2025 – напиша претседателот на ИЏФ, Мариус Визер, на интернет-страницата на ИЏФ. Г.И.


































