Специјалниот третман на поранешниот француски претседател ги натфрла сите постојни затворски прописи
- Поранешниот француски претседател Никола Саркози во затворот „Ла Санте“ е придружуван од вооружени полицајци за обезбедување,
што предизвикува гнев во синдикатите во затворскиот систем
Никола Саркози дефинитивно не е затвореник како другите. Во средата наутро, министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез потврди на „Цњуз“ дека поранешниот претседател на Републиката е заштитен од безбедносен систем, кој е без преседан во историјата на затворите во Франција. Лоран Нуњез ја оправда мерката со „статусот“ на затвореникот и со „заканите со кои се соочува“. Синдикатите на затворските чувари ги осудија таквиот даден висок статус за затвореникот Саркози и, како што велат, „безбедносното лудило“ и „невиденото понижување“ на системот.
ВИП-затвореник
Сместен во самица во затворот „Ла Санте“ во Париз, во дел со околу дваесет ќелии, Никола Саркози е исто така постојано придружуван од двајца безбедносни службеници – полицајци за обезбедување „ВИП-затвореници“, со оглед на неговиот статус и заканите со кои се соочува, според министерот. Оваа иновација предизвика одредено неразбирање во самата затворска администрација и бурна реакција од синдикатот УФАП-УНСА – правда, еден од двата главни синдиката на затворските чувари, кој во соопштение за медиумите ја осуди, како што оттаму истакна, „бесмислената мерка, безбедносна глупост и пред сè невидено понижување за целата затворска служба“.
Како општо правило, се вложуваат максимални напори за да се осигури дека затвореникот сместен во самица не може да се сретне со друг затвореник за време на неговите (многу ретки) движења низ затворот. Сепак, штом Никола Саркози ќе ја напушти својата ќелија за еднаш дневно да оди во малото место за вежбање или во малата индивидуална вежбалница или во собата за посети, три пати неделно, тој е надгледуван од двајца чувари, како и од двајца вооружени безбедносни службеници од службата за заштита.
Тајниот протокол ги изненади вработените во затворот
Дванаесетчасовните смени предвидуваат дека еден од двајцата полицајци мора постојано да стои пред вратата од ќелијата на Саркози, додека другиот може да се одмори во соседната ќелија. Додека се вооружени, на овие полицајци не им е дозволено да ги внесуваат своите мобилни телефони во затворот, а според нашите информации, затворските власти го одбиле нивното барање за да имаат клуч од ќелијата доделена на поранешниот шеф на државата. Вкупно седум полицајци од службата за заштита ќе се менуваат за да го обезбедуваат Саркози. Сите се пријавиле како волонтери за оваа досега невидена мисија.
Системот, долго чуван во тајност, ги изненади вработените во затворот „Ла Санте“, кога видоа дека пристигнуваат вооружени полицајци.
– Според моите сознанија, ова се случува првпат – се поверил службеник на затворската администрација под услов да остане анонимен, осудувајќи ја мерката како „бескорисна и понижувачка“. Според него, не само што мерката ја „доведува во прашање“ способноста на затворските чувари правилно да ја извршуваат својата работа туку би можела да доведе и до сериозни хиерархиски проблеми.
– Во случај на инцидент, што ќе прави полицијата? На кого ќе се повикуваат? – се прашува затворскиот чувар.
Остра реакција на синдикатот на затворските чувари
Реакцијата на синдикатот на затворските чувари УФАП-УНСА-правда беше невообичаено остра. Во соопштение за медиумите, генералниот секретар Александар Каби напиша: „Внесувањето оружје во затвор, дури и под изговор за заштита, е преминување на црвената линија. Тоа е газење на најосновните безбедносни правила. Тоа е плукање во лицето на илјадници затворски вработени и воспоставување исклучителен режим недостоен за Републиката каде што законот повеќе не би бил ист за сите“. А синдикатот бара, особено, „итно повлекување на оваа исклучителна мерка“.
Директор на затвор во Франција, зборувајќи под услов да остане анонимен, даде слични коментари.
– Запрепастени сме. Оваа мерка меѓу нас се смета за потценување. Министерството за правда испраќа сигнал дека затворската администрација е неспособна да ја осигури безбедноста на толку еминентна личност како Саркози. И се поставува прашањето: Би сакале да знаеме кој ја имал иницијативата да смисли таква мерка? Одговорот е, благо речено, нејасен – истакна тој.
Соработници блиски до министерот за правда Жералд Дарманин, кој обично е многу чувствителен кога некој ќе се зафати со неговите области на експертиза, ги обвинуваат вработените во француското Министерство за внатрешни работи и министерот Лоран Нуњез.
– Оваа невидена ситуација бара усвојување соодветни безбедносни мерки, приспособени на специфичната природа на поединецот и контекстот. Тие објавија дека овој систем ќе се одржува сè додека потребата се смета за корисна – објасни придружбата на министерот за внатрешни работи.
Дали проценетата опасност од соседната ќелија на Никола Саркози се смета за доволно загрижувачка, за да избегне преземање какви било ризици? Чудно е, бидејќи речиси и да нема многу опасни профили во изолациската единица во „Ла Санте“. Високорангираните терористи се префрлени во други затвори, а криминалците поврзани со трговија со дрога отидоа во Вендин-ле-Вјеј, заклучува службеник на затворската администрација.
Поранешниот шеф на државата беше осуден на 25 септември на пет години затвор за криминален заговор во судски процес поврзан со финансирањето на негова изборна кампања од Либија. Тој поднесе жалба на казната, но престојува во затворот „Ла Санте“ од вторникот, со што првпат во историјата на Републиката еден француски претседател се најде во затвор.
Тројца приведени затвореници по заканувачко видео за Саркози
Тројца затвореници од затворот „Ла Санте“ беа приведени завчера по објавувањето видео на социјалните мрежи, очигледно снимено од притвореник од затворот, во кое тој упатува закани по пристигнувањето на Никола Саркози во објектот, кој беше затворен ден претходно, дозна АФП од обвинителството.
– Административен претрес беше спроведен од страна на затворската администрација, при што беа запленети два телефона – соопшти обвинителството на Париз, потврдувајќи го извештајот на радиото „Еуроп1“.
– Париското обвинителство отвори истрага за смртни закани, доверена на Третиот округ на судската полиција. Тројцата притвореници присутни во ќелијата се приведени – се вели понатаму во соопштението.
– Ова видео покажува дека постои опасност, секако, за затвореникот, претседателот Никола Саркози, и дека мора да обрнеме особено внимание на неговите услови за притвор – реагираше министерот за правда Жералд Дарманин во средата вечерта на „Цњуз“.
Тој ја повтори својата намера да го посети поранешниот шеф на државата во затвор, и покрај предупредувањата, особено од главниот обвинител на Франција, дека таквата посета може да „ја поткопа независноста на судството“.
– Не сум за затворски туризам, но ќе го посетам претседателот Саркози во блиска иднина и секојдневно се распрашувам за неговите услови за притвор – наведе министерот Дарманин, осврнувајќи се на својот политички ментор.
Министерот за правда, исто така, увери дека лицата што се ставени во полициски притвор по објавувањето на видеото „ќе се појават веднаш пред суд“, прецизирајќи дека „некои ќе бидат во дисциплинско одделение, а други ќе бидат префрлени во друг затвор“.
– Нема да преземаме никакви ризици – истакна Дарманин.
Видеото наводно снимено за време на првата ноќ на Никола Саркози во притвор, во кое може да се слушнат извици и навреди насочени кон поранешниот претседател, кружеше на социјалните мрежи во средата. Лидерката на Националниот собир, Марин Ле Пен, го сподели видеото подоцна истиот ден на својот профил на социјалната мрежа Икс за да изрази незадоволство.
– Немам сомнение дека некои мора да се воодушевени од оваа ситуација. Но сакам да верувам дека милиони Французи чувствуваат, како и јас, гадење – коментираше лидерката на Националниот собир.
Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција





































