ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ, ТРЕТО КОЛО
- Денеска е дуелот помеѓу Каират од Казахстан и Пафос од Кипар, две од четирите екипи што првпат играат во Лигата на шампионите, заедно со Унион СЖ од Белгија и со Бодо/Глимт од Норвешка. Во дуелите на некогашни континентални прваци, пак, утре се среќаваат Челси (две титули) и Ајакс (четири), како и Реал Мадрид (15) и Јувентус (две)
Меѓународниот клупски фудбал по тринеделна пауза се враќа на сцената со денешните мечеви од третото коло во Лигата на шампионите (ЛШ), а во оваа рунда ќе има дерби-мечеви помеѓу дебитанти и помеѓу некогашни европски прваци. Една од првите две денешни средби е дуелот помеѓу Каират од Казахстан и Пафос од Кипар, две од четирите екипи што првпат играат во Лигата на шампионите, заедно со Унион СЖ од Белгија и со Бодо/Глимт од Норвешка. Во дуелите на некогашни континентални прваци, пак, утре се среќаваат Челси (две титули) и Ајакс (четири), како и Реал Мадрид (15) и Јувентус (две).
По првите две кола, по максимални шест бода освоија Баерн, Реал Мадрид, Пари сен Жермен, Интер, Арсенал и Карабах, по четири бода имаат Борусија Дортмунд, Манчестер сити и Тотенхем… Водечки стрелци, пак, во Лигата на шампионите сезонава се тројца првопласирани на голгетерските листи и во домашните првенства. Така, по две кола во најсилното европско клупско натпреварување, прв е Килијан Мбапе од Реал Мадрид со пет погодока (има и 10 во првенството на Шпанија), а потоа се Хари Кејн од Баерн со четири (12 во шампионатот на Германија) и Ерлинг Холанд од Манчестер сити со три (11 во првенството на Англија).
Лига на шампионите, трето коло, денеска: Барселона – Олимпијакос, Каират – Пафос (двете од 18.45 часот), Арсенал – Атлетико Мадрид, Баер – Пари сен Жермен, Копенхаген – Борусија Дортмунд, Њукасл – Бенфика, ПСВ Ајндховен – Наполи, Унион СЖ – Интер, Вилјареал – Манчестер сити (сите од 21 часот). Утре играат: Атлетик Билбао – Карабах, Галатасарај – Бодо/Глимт (двете од 18.45 часот), Монако – Тотенхем, Аталанта – Славија, Челси – Ајакс, Ајнтрахт – Ливерпул, Баерн – Клуб Бриж, Реал Мадрид – Јувентус, Спортинг – Марсеј (сите од 21 часот). Н.М.