Кина разви нова генерација на литиумски батерии
- Се смета дека технологијата ќе овозможи идни генерации на батерии со густина на енергија што надминува 500 ват-часа на килограм и со најмалку двојно поголем оперативен век. Еден од авторите на трудот, Хуанг Сјуеџие, е убеден дека новата технологија ќе има важна примена при напојување на хуманоидните роботи и електричните возила и летала
Kлучниот предизвик за литиумски батерии во цврста состојба е надминат од страна на кинески научници, кои развија самоадаптивна меѓуфаза што одржува близок контакт помеѓу литиумската метална анода и цврстиот електролит без надворешен притисок. Станува збор за откритие на истражувачи од Институтот за физика на Кинеската академија на науките (ЦАС), Институтот за технологија и инженерство на материјалите „Нингбо“ на ЦАС и од Универзитетот за наука и технологија „Хуажонг“.
Тие открија дека контактот помеѓу литиумската електрода и цврстиот електролит кај батериите во цврста состојба не е идеален, туку има мали пори и пукнатини што го скратуваат животниот век на батеријата и претставуваат ризик за безбедноста. Во цврстиот сулфиден електролит се додадени јодидни јони што автоматски ги пополнуваат сите празнини и пори, односно овозможуваат регенерација на површината и обезбедуваат тесен контакт помеѓу електродата и електролитот.
Прототипот на овие батерии покажал стабилни и врвни перформанси дури и по стотици циклуси на полнење и празнење под стандардни услови на тестирање, далеку надминувајќи го нивото на слични постоечки батерии.
Се смета дека технологијата ќе овозможи идни генерации на батерии со густина на енергија што надминува 500 ват-часа на килограм и со најмалку двојно поголем оперативен век. Еден од авторите на трудот, Хуанг Сјуеџие, е убеден дека новата технологија ќе има важна примена при напојување на хуманоидните роботи и електричните возила и летала.
Литиумските батерии во цврста состојба, кои се сметаат за технологија од следната генерација, се двојно поефикасни од традиционалните, при што продолжен им е оперативниот век, полесни се и побезбедни. Традиционалните методи на литиумски батерии бараат постојан притисок од кабеста надворешна опрема, што ги прави батериите премногу големи и тешки за практична употреба.