По својата успешна светска премиера, новиот филм на Теона Стругар Митевска, „Мајка“, од денеска ќе започне да се прикажува во сите кина низ Македонија. Публиката во земјава конечно ќе има можност да го погледне долгоочекуваното остварување, кое носи длабока инспиративна приказна заснована врз животот на Мајка Тереза.
Филмот претставува интимен портрет на една од највлијателните хуманитарки на 20 век, фокусирајќи се на нејзината внатрешна борба, верба и мисија. Главната улога ја толкува светски познатата актерка Номи Рапас, во друштво на Никола Ристановски и Силвија Фокс. Сценариото е заеднички труд на Теона Стругар Митевска, Гоце Смилевски и Елма Татарагиќ.
Ова кинематографско остварување е поддржано од голем број европски и светски филмски институции, а продуцентка е Лабина Митевска. Директор на фотографија е Виржини Сен Мартан, сценограф е Вук Митевски, а прв асистент на режија Јане Ќортошев.
„Мајка“ ја имаше својата премиера на престижниот „Венецијански филмски фестивал“, каде што го отвори програмскиот сегмент „Хоризонти“, посветен на иновативни филмски дела. Овој успех претставува уште едно големо признание за македонската кинематографија, но и за уникатниот авторски пристап на Теона Стругар Митевска.
Покрај прикажувањето дома, филмот ќе биде дел од програмите на 23 фестивали низ светот. Oваа недела се распродадени билетите за големиот „Лондон филм фестивал“ во Велика Британија и во Гент во Белгија. Во октомври и ноември ќе се прикажува на „Канскиот филмски фестивал“ и на уште неколку во Франција, Швајцарија, Германија, Шпанија, Израел, Прага – Чешка и Братислава – Словачка, Естонија, Романија, Рим, потоа во соседството во Грција и во Словенија. Исто така филмот „Мајка“ е избран во селекцијата и на неколку од најценетите прекуокеански филмски дестинации како Рио де Жанеиро – Бразил, Јапонија, Индија и во Мароко.
Теона Стругар Митевска, помеѓу многубројните патувања и претставувања на филмот низ целава планета, ја прифати и честа да биде претседателка на главното жири на „Интернационалниот филмски фестивал“ во Талин.
„Мајка“ ја започнува својата кинодистрибуција во салите низ Европа со отворањето во Белгија на 5 ноември и во Франција на 3 декември.